Левица: Зошто државниот обвинител Савески не ги користи своите овластувања за случајот „Мазут“?
„Додека ВМРО-ДПМНЕ одбива да го повика државниот јавен обвинител да постапи по скандалозното затворање на случајот ‘Мазут’, иако претходно Христијан Мицкоски од говорница повикуваше по кои предмети да постапи новиот државен јавен обвинител – за овој случај Ненад Савески одбира да молчи“, реагираат од Левица.
Препорачано
Според опозициската партија, иако надлежното Обвинителство ја запрело истрагата, Законот за јавно обвинителство јасно му дава механизми на државниот јавен обвинител да постапи во оваа фаза од предметот, односно, велат оттаму, Савески може да побара увид во предметот со цел утврдување на законитоста на истрагата, како и да наложи нови вештачења или прибирање докази.
„Сепак, и покрај јасните законски алатки, државниот јавен обвинител воопшто не покажува волја да побара увид во предметот ‘Мазут’, ниту да отвори институционална проверка за начинот на кој е запрена истрагата. Особено загрижува фактот што по именувањето на новиот државен јавен обвинител беа забележани експедитивни кадровски и процесни потези кои одат во прилог на политичките интереси на ВМРО-ДПМНЕ, како што беше случајот со предметот „Талир”. И покрај тоа што има законска обврска и овластувања да побара увид, да наложи дополнителни дејствија и да утврди дали постапката била водена законито, Савески останува пасивен и одбира да глуми ненадлежен“, реагираа од Левица.
Оттаму прашуваат „дали пасивноста на Савески доаѓа после телефонскиот разговор со Мицкоски, каде добил такви насоки?“.
„Ако новиот државен јавен обвинител навистина не постапува по политички и партиски директиви, тогаш Савески треба да ги искористи законските механизми кои му стојат на располагање и да утврди како е затворена истрага за случај во кој државата била оштетена за 169 милиони евра“, стои во реакцијата.
Инаку, во фокусот на истрагата за случајот беше фирмата „РКМ“ и нејзините сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски. Меѓу осомничените беше и сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски, син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски. Спорни беа тендери за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ „Неготино“, а преку случајот имаше сомнеж за криминал од над 160 милиони евра. Сепак, неодамна од Обвинителството стигна информација дека случајот се затвора, бидејќи не биле утврдени злоупотреби.
Последно, од Основното јавно обвинителство рекоа дека делот што се однесува на составот на мазутот и неговото евентуално влијание врз животната средина не е запрен, туку е издвоен од другиот, затворен дел и по него активно се постапува.


