Лазаров: Вардар двапати беше европски првак, но репрезентацијата не доби ништо од тоа

Тренерот на РК Алкалоид, Кирил Лазаров/фото: Слободен печат/Драган Митрески

Еден од најдобрите ракометари на сите времиња, Кирил Лазаров, во интервјуто за „Моцарт Спорт“, зборуваше за својата нова животна улога, амбициозниот проект на ракометниот клуб Алкалоид од Скопје, за развојот на македонскиот ракомет, играчката кариера, зошто никогаш не го носеше дресот на Вардар, околу амбициите и желбите…

Најмногу зборуваше за иднината, неговите амбиции да се докаже како селектор, да направи нешто големо со Македонија и со Алкалоид.

фото: EPA-EFE/Zsolt Czegledi

– Секогаш бев подадена рака на тренерот на теренот. Секој специјалист мора да има таков играч, кој ќе биде алка на теренот, за да му помогне на тимот. Бев во најсилните клубови во Европа, како и во репрезентацијата на Македонија. Секој селектор во македонската репрезентација имаше доверба во мене, како капитен. Селекторите се менуваа, а јас бев подадена рака. Сакав да успеам. Бев многу амбициозен. Сакав да помогнам и околу атмосферата. Во тимските спортови секогаш има проблеми. Ми се допадна таа улога. Во меѓувреме бев и добар ракометар. Го разбрав овој спорт и подоцна научив многу од најдобрите стручњаци со кои работев во Барселона, Атлетико, Нант, Веспрем и Загреб. Многу пред крајот на мојата играчка кариера знаев дека ќе бидам тренер. Уживам во оваа функција, иако да се биде тренер е најтешкиот дел. Го сакам ова и се трудам да бидам што е можно подобар, да бидам на повисоко ниво. Сакав порано да се пензионирам, но се чувствував добро – вели Лазаров.

Лазаров за македонскиот ракомет и „проектот Алкалоид“:

– Промената на генерациите е чувствителен процес. Ние сме мала земја, немаме голем број играчи. Изборот е целосно променет, сега е сосема нов со овој проект Алкалоид каде шанса добиваат македонски играчи. Тоа беше идејата. Некои го поддржуваат тоа, некои не, некои ќе го разберат, некои не.

Фото: РК Алкалоид

Имаме два клуба, Алкалоид и Мулти Есенс, кои инвестираат во македонските деца, им се дава шанса. Имаме седум кадетски репрезентативци во Мулти Есенс. Проектот е поддржан од нашиот претседател Живко Мукаетов. Тој се бори за својата земја, за идентитетот на Македонија. Кога игра Пелистер навива Битола, кога игра Вардар го поддржуваат навивачите, кога игра Алкалоид… Кога станува збор за репрезентацијата на Македонија, сите сме обединети во поддршката. Нашиот претседател се бори за тоа. Тие проекти чинат многу, но тој инвестира во своите деца и во земјата што ја сака, Македонија.

„Проектот Алкалоид“ се создаде кога видовме дека мојата генерација нема достојни наследници во Македонија. Секоја чест за другите клубови, но им дадоа повеќе шанси на странците. Тоа е стратегија, ние ја почитуваме, но имаме поинаков концепт. Како ќе направиме резултат со Македонија ако немаме наш проект, за да добијат шанса македонските деца? Немаме толку ракометари кои играат во силни странски клубови како што има во Србија, па решивме да се обидеме да ги задржиме во земјата. Сакаме да спречиме згаснување на македонскиот ракомет, македонската репрезентација. Одиме напред, потребно е време, но мислам дека стануваме конкурентни во земјата и на меѓународно ниво. На добар пат сме, во година и пол колку што постои Алкалоид веќе играме во Лига Европа.

Фото: РК ВАРДАР

Лазаров вели дека репрезентацијата не доби ништо од двете титули на РК Вардар во Лигата на шампионите во 2017 и 2019 година:

– На Вардар му се восхитувам на тоа што го направи, два пати беше европски првак. Тоа го направи со странски играчи и јас го почитувам тоа. Тоа беше стратегија, се покажа дека е вистинската и му честитам за тоа. Моја замерка за Вардар е зошто не работеше во исто време со помладите категории. Зошто во позадина немаше младински погон? Во освојувањето на европските шампионски титули таму беше само Стојанче Стоилов од домашните играчи. Двете шампионски круни остануваат засекогаш запишани, промовирана и Македонија, но репрезентацијата не доби ништо од тоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот