Лазаров: Треба уште многу да учиме, да тренираме, да работиме…

Лазаров као селектор го доживеа и вториот пораз на ЕП/ фото: EPA-EFE/Zsolt Czegledi

Селекторот Кирил Лазаров кој поради повреда на потколеницата не може да ја извршува и втората улога во македонската репрезентација на ЕП 2022, како капитен, не го крие разочарувањето од поразот од Црна Гора од 24:28. И вториот пораз на неговите избраници, највеќе се должи на големиот број на технички грешки во нападот.

– Да можеме да ги преброиме грешките кои ги направивме нема да завршиме. Тоа што се случуваше на теренот во второто полувреме беше како на филм. Бев немоќен нешто да направам кога играчи, да не ги набројувам и кои играле во бројни европски клубови, ќе прават такви нешта поради кои стратегијата многу не помага. Дојде до некој психолошки блок, и мислам дека не знаевме што правиме. Мислам дека притисокот да се направи нешто, си го направи своето. Евидентно е тоа дека треба уште многу да учиме, да тренираме, да работиме. Не сакам да звучи како алиби, но ете ни се случи денеска и Столе Стоилов, а Никола Митревски во последен момент доби дозвола да настапи, ни недостасуваат и уште многу играчи, почнувајќи од мене па се до некои добри ракометари и тоа се рефлектираше на резултатите и играта. Но, тоа не треба да е алиби затоа што загубивме од главата. Работевме и на психолошки план изминатиов период, но тоа е тоа – вели Лазаров.

Интересно е што, откако Лазаров е селектор, секогаш противничките голмани се играчи на натпреварите.
– На секој натпревар откако сум селектор јас, без разлика дали добиваме или губиме секогаш противничкиот голман е играч на натпреварот. Токму на тој момент треба да работиме, имаме иднина, имаме потенцијал, но психолошкиот момент кога доаѓа притисокот и кој со себе го носи одлучувачки натпревар на кој атакуваме на победа, тогаш ни пресудува. Ќе анализираме добро, па ќе видиме што може да очекуваме. Сега не очекува натпреварот со Данска па и за тој дуел сакаме добро да се подготвиме. Жал ми е за навивачите кои поминаа толку километри да не бодрат. Но, ќе мора да им се оддолжиме низ иднината, а секако откако добро ќе ги научиме лекциите од ова Европско првенство – додава Лазаров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот