Кузмановски им посака среќа на младинците на РК Еурофарм Пелистер на Ф4 турнирот во ЛШ
Експедицијата на македонскиот ракометен клуб Еурофарм Пелистер денеска патува за Келн, Германија, и во терминот од 20.00 часот ќе го одржи официјалниот тренинг пред полуфиналето против ГОГ Гудме од Данска на Фајнал-фор турнирот во ЕХФ младинската Лигата на шампионите. Натпреварот за пласман во финалето ќе се игра в сабота на 14 јуни во 09.00 часот во Дормаген.
Препорачано
Во второто полуфинале на Ф4 турнирот од 11.30 часот ќе играат Барса (Шпанија) и Веспрем (Унгарија).
Капитенот на првиот тим Еурофарм Пелистер и шампион на Македонија, сениорскиот репрезентативец Филип Кузмановски, ги посети младинците на Еурофарм Пелистер на последниот тренинг пред заминувањето на завршниот турнир во ЛШ. Кузмановски ги охрабри ракометарите и им посака среќа на турнирот на најдобрите.
Младинците на Еурофарм Пелистер успеаја да стигнат до завршниот турнир откако го освоија првото место на квалификацискиот турнир во Букурешт, Романија.
Во полуфиналето триумфираа над Киелце од Полска со 37:29, а во финалето го совладаа домаќинот Динамо Букурешт (37:36).
Еден од најзаслужните за победите беше Босанецот Алем Хаџиќ кој во двата натпревари постигна вкупно 26 голови и со овој учинок стана најдобар стрелец во натпреварувањето.


