Кучевишка Бара и Бел Камен сè уште се со септички јами, сега се прави проект за канализација
Градоначалниците на Бутел и на Чучер-Сандево, Дарко Костовски и Зоран Бајовски информираа дека со заеднички проблем ќе се решава проблемот со фекалната канализација во Кучевишка Бара и Бел Камен.
Препорачано
Иако населбите се соседни, тие припаѓаат на две различни општини и со децении немаат фекална канализација и покрај ветувањата на претходните градоначалници.
Градоначалникот Бајовски истакна дека првпат двете општини пристапуваат заеднички и координирано за решавање на овој долгорочен проблем, со јасни рокови и распределба на обврски.
„Денеска заедно со градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, ја формиравме оперативната работна група за решавање на заедничките проблеми на жителите од Чучер Сандево и Бутел. Главна задача на групата е финализирање и доработка на основниот проект за фекална канализација, со цел проектот да ги опфати сите улици кои досега беа изоставени. Со зголемување на опфатот ќе бидат вклучени и улиците како Бутелска 27, 29, 31, 33 и 35, како и други критични точки кои бараат итна интервенција“, објави градоначалникот.
Во работната група се вклучени експерти, технички служби и претставници на граѓаните за да се обезбеди транспарентен процес и квалитетна техничка документација.
„Нашата цел е да обезбедиме трајно и одржливо решение за управување со отпадните води, што ќе го подобри здравјето и квалитетот на живот во двете општини“, вели градоначалникот Бајовски.


