Кризна состојба прогласена во затворот „Идризово“ – фалат премногу чувари, ќе се вклучат војници и полицајци

Со одлука на Владата, прогласена кризна состојба во најголемиот македонски затвор – „Идризово“, со цел да се спречат безбедносни закани поради недостигот од доволен број чувари
Ова се случува по информациите од изминатиот период за недостиг од пердонал во казнено поправната установа. Одлуката е донесена на владината седница одржана во вторникот и веќе е во сила по нејзиното објавување во Службениот весник.
Со оваа одлука се утврдува постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Македонија, и тоа на подрачјето на Општината Гази Баба на кое Казнено-поправниот дом Идризово ја врши својата надлежност, заради спречување на безбедносните закани и зајакнување на обезбедувањето на установата, пишува во текстот на одлуката.
Од органите на државната управа се бара да преземат мерки и активности согласно прописите за управување со кризи, а од главниот штаб за управување со кризи при ЦУК, да ги следи состојбите, да координира со активностите и редовно да ја информира Владата. Кризната состојба ќе трае во следните 30 дена.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) претходно денеска соопшти дека припадници на МВР и Армијата ќе го обезбедуваат затворот поради недостаток на чувари.
Од ЦУК образложија дека еден од главните проблеми со кои се соочува „Идризово“ е недостигот на кадар во затворот. Велат дека бројот на вработени лица во затворската полиција е недоволен за да ги задоволи секојдневните потреби и активности.
Ќе се бара начин за вработување нов кадар, кој ќе биде одговорен за безбедноста и за ресоцијализаицијата на затворениците.
Припадници на МВР и Армијата ќе бидат ангажирани како поддршка на затворската полиција во Идризово