Краставиците од Крит изгор скапи, ретко кој може да ги купи
Поради недостиг на купувачи, на кванташкиот пазар во Струмица во текот на вчерашниот ден краставицата падна до 140 денари по килограм.
Цените на краставиците од над 200 денари по килограм, а некаде и по 280 денари, предизвикаа реакции кај граѓаните. Но, како што објаснува Блажо Витанов, менаџер за продажба на „Империал фуд“, краставиците се увозни, а тамошните цени и давачките додека стигнат во продавниците се високи.
Препорачано
Речиси 100 отсто од увезените краставици во земјава во последните десет дена се со потекло од Грција, од регионот на Солун и од Крит, но трговците на големо се преценија и со увезените количини и со цените по кои го понудија овој зеленчук на македонскиот пазар.
– Цените на краставицата беа толку високи прво затоа што цената по која се купуваат на големо во Грција е две евра. Потоа има и големи давачки кај нас. На пример, царината е 30 отсто и има 5 отсто ДДВ, а мора да се пресмета и цената на транспортот. Затоа цената стаса и до четири евра во маркетите и на пазарите во Скопје – вели Витанов за „Слободен печат“.
Соочени со куповната моќ на нашите граѓани, чијшто стандард е далеку да можат да си дозволат краставици по толку високи цени, поради што речиси и немаше продажба на овој зеленчук кој има релативно кус рок на траење, за да не се соочат со 100-отстотна загуба, трговците беа принудени да ги намалат цените.
На кванташкиот пазар во Струмица во текот на вчерашниот ден краставицата падна до 140 денари по килограм, нѐ информира Витанов. Тој додава дека нашето македонско производство на краставици на пазарот ќе излезе дури кон крајот на март. Истото се однесува и за доматите, кои засега се увезуваат од Турција и Грција и во помали количини од Албанија.


