Кралот Мсвати Трети и Вучиќ во Белград - Фотографија ЕПА, Андреј Чукиќ

Кралот на Есватини жнее инвестиции во Србија

Технологија, искуство, земјоделски машини и семиња, автомобили и лекови, се производите што Мсвати Трети, кралот на Есватини, би можел да ги „испазари“ при неколкудневната посета на Србија.

Кралот Мсвати Трети ги повика српските инвеститори да отворат бизниси, па и производствени погони во неговата мала земја среде Јужна Африка.

– Нашата влада ќе продолжи да ги поддржува вашите инвестициски интереси во Есватини, со поттик и влез на пазарот без препреки – порача кралот.

Тој најави дека до вторник ќе посети неколку градови низ Србија за да се запознае со наменската индустрија.

Неговиот домаќин, претседателот Александар Вучиќ, изјави дека Србија може да му помогне на кралството „да го зацврсти капацитетот за истражување и развој, да го помогне претприемништвото и дополнително да се вработат младите“.

– Во земјоделството можеме да понудиме извоз од нашето прочуено семе и земјоделска механизација. Со размена на искуства, знаења на стручњаци, студенти и ученици, сите што сакаат да напредуваат и да учат, заедно можеме да ги направиме нашите земји неспоредливо поуспешни – изјави Вучиќ.

Трговската размена на Србија и Есватини се зголемила од 15.800 евра во 2022 година на 105.000 евра во изминатата година.

Кралот на Есватини ќе ја посети наменската индустрија на Србија – Фотографија ЕПА, Андреј Чукиќ

Српскиот претседател инсистирал на кралската делегација да ѝ бидат претставени проектите што неговата земја планира да ги спроведе во следните три години, како подготовка за саемот Експо 2027, од градежната инфраструктура, па до летечките такси-возила. Тој додаде дека се чувствува горд што може да им биде домаќин на кралот Мсвати Трети и на други лидери од Африка, не само од Европа.

– Африка е еден од клучните континенти, тоа е континент на наши пријатели, братски – изјави српскиот претседател.

Вучиќ ја искористи можноста лично да му изрази „безгранична благодарност“ на Кралството Есватини поради тоа што лани го повлекло признавањето на независноста на Косово од 2010 година.

Мсвати Трети, еден од 60-те синови на кралот Собхузи, на возраст од 18 години го наследи својот татко на престолот на едена од последните апсолутистички монархии во светот. Педесет и шестгодишниот крал е прочуен низ светот поради тоа што живее во луксуз додека мнозинството од населението е сиромашно и е со највисок процент на заразени од ХИВ во светот. Тој има 11 венчани сопруги, со кои има 45 деца, а пред само еден месец се сврши со 21-годишната Номсиба Зума, ќерка на поранешниот јужноафрикански претседател Џејкоб Зума.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот