Косовска војска / Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Косово почна да гради фабрика за муниција

Министерот за одбрана на Косово, Ејуп Маќедонци, изјави дека во близина на Ѓаковица започнале работите за изградба на првата фабрика за муниција во Косово. По посетата на градилиштето во Јахоч, во близина на Ѓаковица, со премиерот, Албин Курти, Маќедонци изјави дека фабриката ќе произведува муниција со калибар 5,56 мм и 7,62 мм, објавија косовските медиуми.

Според изјавите на Маќедонци во објава на социјалните мрежи, производството на машини, лаборатории и друга техничка опрема за фабриката во близина на Ѓаковица се завршува во Турција.

Во октомври минатата година беше потпишан договор помеѓу Приштина и турската државна компанија за одбранбена опрема МКЕ за изградба на фабрика за производство на муниција, а во тоа време беше наведено дека производствениот капацитет на фабриката ќе биде 20 милиони куршуми годишно.

Приштина ги интензивираше набавките на оружје во последните години, а на 6 мај беше потпишан договор со Турција за воено-финансиска соработка, кој предвидува дека турската влада ќе ѝ обезбеди на Приштина нешто помалку од четири милиони евра за зајакнување на Косовските безбедносни сили (КБС). Приштина веќе купи дронови „Бајрактар“ и „Скајдагер“ од Турција, како и американски дронови „Пума“.

Во декември минатата година, Косово објави дека купува американски мобилни артилериски системи Humvee, а кон крајот на ноември беше во процес на купување хеликоптери Black Hawk од Соединетите Американски Држави.

Косово ќе отвора фабрика за оружје

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот