Коридорот 8 е доказ дека кога сакаме, можеме да соработуваме со Бугарија, вели Муцунски
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски рече дека Македонија сака да има активна комуникација и активен ангажман со Софија, а „доказ дека можеме да соработуваме е Коридорот 8“. Тој додаде дека имаат и конкретна комуникација со Европската Унија.
Препорачано
„Имаме и конкретна комуникација со Европската Унија. Една од темите за кои дискутиравме со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во Минхен беше процесот на потенцијално изнаоѓање решение со соседна Бугарија и тоа е нешто на коешто ние ќе работиме, но во рамките на принципите коишто ни се јасни“, изјави Муцунски одговарајќи на новинарски прашања пред Македонско-словачкиот бизнис форум.
За време на настанот посветен на Коридорот 8 во Тирана, на кој вчера присуствуваше Муцунски, рече дека се преземале „опипливи мерки и од двете страни за реализација на тој проект.
„Исто така кажавме дека и западниот сегмент од Коридорот 8 во Албанија треба да биде забрзан и гледаме позитивни сигнали од Албанија во последниот период, Tоа е за поздравување бидејќи и самиот Коридор 8 како таков не би бил целосен без обврските што треба да ги преземе Република Албанија. И тоа не го зборуваме само од гледна точка на патна и железничка инфраструктура, туку и енергетска инфраструктура и други комплементарни прашања коишто се поврзани со тоа. Зошто го спомнувам Коридорот 8? Затоа што Коридорот 8 е доказ дека со соседна Бугарија кога сакаме можеме да соработуваме, рече Муцунски.
Во овој момент рече дека во соседна Бугарија тече изборен процес и дека треба да „бидеме максимално внимателни што ќе кажеме и како ќе се поставиме во моментот“ бидејќи, како што рече, ние како држава немаме апсолутно никаков интерес да станеме дел од изборната реторика во соседна Бугарија.
„Секој којшто сака и цели да нè внесе во изборната реторика во соседна Бугарија, нема про-ЕУ вредности. И тоа го гледаме и од одредени чинители во соседна Бугарија, но да бидам максимално искрен тоа го чувствувам и од одредени политички чинители тука, рече Муцунски.
Потврди дека по ова прашање се остварува и конкретна комуникација со Европската Унија.
„Пред неколку дена видовте во Минхен средба на премиерот Мицкоски, на која што го придружував и јас, со претседателот на Европскиот Совет господинот Антонио Кошта. Секако една од темите за која што дискутиравме е процесот на потенцијално изнаоѓање на решение со соседна Бугарија и тоа е нешто на коешто ние ќе работиме, но во рамките на принципите коишто ни се јасни, верувам на сите вас и прилично јавно ги имаме поставено, нагласи Муцунски.


