Фото: EPA-EFE/HAITHAM IMAD

Контроверзната американско-израелска хуманитарна фондација се повлекува од Газа

Американско-израелската Хуманитарна фондација за Газа (ГХФ), основана со поддршка од САД и од Израел за дистрибуција на хуманитарна помош во Газа, денеска соопшти дека ги прекинува своите активности, по месеци критики за смртта на стотици Палестинци кои се обидувале да стигнат до нејзините пунктови, објави „Ројтерс“.

ГХФ, која ги заобиколуваше ОН и постојните хуманитарни агенции за да дистрибуира храна, што предизвика незадоволство кај европските лидери, ја објави одлуката неколку недели откако ги суспендираше операциите по стапувањето во сила на прекинот на огнот на 10 октомври во Газа.

Хуманитарната фондација за Газа е подготвена да продолжи со дистрибуцијата на помош

Фондацијата започна со дистрибуција на храна за ранливите Палестинци во крајбрежниот појас во крајот на мај.

Повеќето од нејзините пунктови беа лоцирани во јужна Газа, далеку од најголемиот дел од населението.

Многумина Палестинци загинаа во обид да стигнат до пунктовите

Палестинците беа принудени да пешачат долги растојанија за да ја подигнат помошта. Стотици беа застрелани во близина на пунктовите при нивното отворање кога израелската армија соопшти дека пукала кон Палестинци кои се приближувале до војници.

Извршниот директор на ГХФ, Џон Акри, во соопштение наведе дека мултинационалниот координациски центар предводен од САД, кој од Израел го надгледува планот на претседателот Доналд Трамп за завршување на војната во Газа, ќе го „прифати и прошири моделот“ што го пилотирала Хуманитарната фондација за Газа.

– Затоа ги прекинуваме нашите операции, бидејќи ја исполнивме нашата мисија, да покажеме дека постои подобар начин за дистрибуција на помош до жителите на Газа – рече Акри.

Од фондацијата нагласија дека секогаш била замислена како „привремена итна иницијатива“.

Дали ќе има доволно хуманитарна помош за Појасот Газа?

ГХФ започна да обезбедува помош во Газа речиси три месеци откако Израел воведе целосна блокада на сите стоки што влегуваат во разурнатата енклава. Подоцна во делови од Газа беше прогласен глад.

Австриската министерка за надворешни работи, Беате Мајнл-Раисингер, во јуни во Ерусалим, изјави дека ГХФ „не е доверлив партнер.“

Администрацијата на Трамп обезбеди десетици милиони долари за да ги финансира операциите на Фондацијата, но организацијата упорно одбиваше да открие кои други донатори ја поддржуваат.

Минатиот месец соопшти дека има средства за работа до крајот на ноември.

Во изминатите месеци, ГХФ безуспешно бараше агенциите на ОН да ги користат нејзините пунктови за распределба на помош.

Планот на Трамп забранува хуманитарни групи поврзани со која било од двете страни

Иднината на ГХФ беше нејасна уште откако Трамп го објави својот План во 20 точки за завршување на двегодишната војна. Една од точките предвидува „институции што се поврзуваат со која било од страните – Хамас или Израел – да не учествуваат во дистрибуцијата на помош“.

Заменик-портпаролот на Стејт департментот на САД, Томи Пигот, се заблагодари на ГХФ во објава на „Икс“, наведувајќи дека организацијата споделила „вредни научени лекции“ со САД и со нејзините партнери.

Хамас, пак, го поздрави затворањето на фондацијата и побара таа да биде гонета за „злосторства“ против Палестинците.

Фондацијата ги прекина активностите во Газа по стапувањето во сила на прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас на 10 октомври, но постојано тврдеше дека суспензијата е привремена.

Во понеделникот, Фондацијата соопшти дека доставила 187 милиони оброци до жителите на Газа откако започнала со работа пред речиси шест месеци — што изнесува помалку од еден оброк дневно по човек, со оглед дека Газа има околу 2 милиони жители.

Хорор за бегалците во Газа – уништени се 22.000 шатори, се шират болести

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот