Хорор за бегалците во Газа – уништени се 22.000 шатори, се шират болести
Екстремните врнежи предизвикаа поплави во последните денови во бегалските кампови сместени веднаш до брегот во Појасот Газа, уништувајќи шатори, натопувајќи душеци и ќебиња и дополнително зголемувајќи ја маката на бегалците и покрај прекинот на огнот, пренесе Индекс.
Препорачано
Владата на Хамас ја процени штетата од бурата на околу 4,5 милиони американски долари, вклучувајќи 22.000 уништени шатори, расипана храна и лекови и оштетена инфраструктура, а локалните организации за хуманитарна помош порачаа дека итно се потребни 300.000 нови шатори.
Речиси сите жители на Појасот Газа се протерани од своите домови во текот на повеќе од две години војна, која започна по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година. Многумина од нив сега живеат во шатори и други едноставни прибежишта.
„На 1,5 милион луѓе им требаат шатори“
Голема штета е нанесена и врз системите за водоснабдување и канализација, вклучувајќи привремени водоводни цевки и септички јами, како и мали соларни панели кои обезбедуваат речиси целата струја од која зависат жителите на Појасот Газа.
Амџад ал-Шава, раководител на палестинската Мрежа на невладини организации, која соработува со ОН и меѓународните хуманитарни агенции, изјави дека 1,5 милион луѓе во Појасот Газа имаат потреба од шатори.
„Шаторите што веќе се наоѓаат во Појасот Газа се дотраени, тие нема да ги заштитат луѓето од дожд“, рече тој.
Подлабоко во внатрешноста на Појасот Газа дождот предизвика големи проблеми. Поголемиот дел од луѓето што живеат во шатори немаат соодветни тоалети ниту одвод, туку се потпираат на мали септички јами ископани во близина на шаторите, кои за време на силни дождови се излеваат.
Опасност од зарази и болести
Повеќето луѓе, исто така, живеат во близина на диви депонии бидејќи депониите за отпад и другата инфраструктура се непристапни или уништени.
Болниците, кои веќе се преоптоварени, предупредуваат на растечки број случаи на желудочни и кожни болести поради пренатрупаноста на камповите и нехигиенските услови во нив, а сето тоа дополнително го влошува раширената неухранетост поради која луѓето имаат ослабен имунитет.
Големите резервоари што пред војната се користеа за собирање дождовница се наполнети со канализација и поради уништените или оштетени цевки и пумпи би можеле да се излеат врз околните шаторски населби.
Заменик-портпаролот на ОН, Фархан Хак, во вторникот изјави дека ситуацијата во Појасот Газа нагло се влошила откако дождот ги поплавил камповите.
Тој рече дека хуманитарните тимови им делат шатори, церади и други основни потрепштини на луѓето додека се утврдуваат размерите на штетата.


