Комбе со џудисти се преврте во Србија: Загина дете, а осуммина се повредени
Едно дете на 16 години загина, а осум други, меѓу кои и возачот, се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случила утрово на автопатот Белград – Нови Сад. Комбе, кое превезувало деца, по минување на наплатна рампа излетало од патот, ја пробило заштитната ограда и паднало во канал, објави „Б92“.
Препорачано
Според првичните информации на српското Министерство за внатрешни работи, несреќата се случила од засега неутврдени причини, кога возилото „опел виваро“ со белградски регистарски таблички, управувано од 43-годишниот С. С., се превртело.
Алкотестот покажал дека возачот не бил под дејство на алкохол.
Во возилото имало осум малолетни патници на возраст од 13 до 16 години, членови на џудо-клубот „Партизан“ од Белград, кои се враќале од меѓународен спортски камп и натпревар во Азербејџан.
Седум деца со повреди биле донесени во Институтот за здравствена заштита на деца и млади на Војводина. Од Детската болница во Нови Сад соопштија дека две од нив се сместени на Одделението за интензивна нега – едното дете со повреда на вратниот ’рбет е транспортирано кон Белград, а на другото му била извршена хируршка интервенција под општа анестезија и е во стабилна состојба.
Другите деца се задржани на одделение за опсервација и не се животно загрозени, изјави портпаролката на болницата, д-р Андреа Ѓуретиќ, објави „Н1“.
Возачот, исто така, е примен во Ургентниот центар на Универзитетскиот клинички центар на Војводина со повеќекратни трауматски повреди и е под медицински надзор.


