Илустрација / Фото: Freepik

Кокаинот во реките и езерата го менува однесувањето на рибите, открива нова студија

Трагите од кокаин што ги загадуваат реките и езерата се акумулираат во мозокот на лососот и го нарушуваат нивното природно однесување, предупредуваат истражувачите. Научниците истакнуваат дека овие промени би можеле да имаат непредвидени последици за опстанокот на популациите на риби.

Новото истражување се фокусираше на млади атлантски лососи вештачки изложени на дрогата и неговиот главен метаболички производ. Резултатите покажаа дека таквите единки пливаат значително подолги растојанија и се распрснуваат пошироко низ езерото. Ова сугерира дека загадувачите директно влијаат на тоа каде се движат рибите, со што се хранат и колку се изложени на предатори, пренесува „Гардијан“.

Иако сè уште не е сосема јасно какво е долгорочното влијание на овие супстанции кога влегуваат во водните патишта од канализациските системи, научниците стравуваат дека рибите ќе платат висока цена.

– Во најголем дел, не ги знаеме сите последици, но очекувам одредени компромиси во преживувањето.Рибите би можеле да завршат во полоша физичка состојба затоа што трошат премногу енергија или мора да поминуваат повеќе време на отворено барајќи храна, што ги прави лесен плен – рекол д-р Џек Бренд од Шведскиот универзитет за земјоделски науки.

Ова не е првпат експертите да предупредуваат за опасноста од фармацевтско и хемиско загадување. Претходните извештаи веќе посочија дека пастрмките стануваат „зависни“ од метамфетамин, а гргечите го губат стравот од предатори поради присуството на антидепресиви во водата.

Истражувањето на реките Сафолк од 2019 година пронајде траги од десетици различни лекови кај слатководните ракови, вклучувајќи кокаин, антипсихотици и средства против анксиозност.

За да го истражат влијанието во дивината, Бренд и неговите колеги имплантирале двегодишен атлантски лосос кој полека ослободувал нивоа на кокаин слични на оние во загадената природа. Рибите биле пуштени во езерото Ветерн, второто по големина во Шведска, дом на големи штуки.

Резултатите објавени во списанието „Кјурент бајолоџи“ се изненадувачки: рибите изложени на кокаин пливале 5 км повеќе од контролната група, рибите изложени на метаболитот бензоилекгонин пливале дури 14 км повеќе, двојно повеќе од нормалните поединци, изложените риби се осмелиле да пливаат многу подалеку северно од езерото, влегувајќи во непознати и поопасни територии.

– Токму метаболитот, кој се јавува во природата во повисоки концентрации, имаше подлабок ефект врз однесувањето на рибите – објаснил Бренд.

Тој предупредува дека сегашните проценки на ризикот од животната средина честопати ги игнорираат овие деривати, со што се пропушта огромен дел од опасноста на која се изложени животните.

Професорот Леон Барон од Империјал колеџ во Лондон ја нагласува важноста на подобро управување со отпадните води. Иако современите системи за прочистување ефикасно отстрануваат многу лекови, главниот проблем останува непречистената канализација што стигнува до реките преку прелевања од бури и неисправни инсталации.

Американски пејач е уапсен под сомнение за убиство на тинејџерка која исчезна во 2024 година

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот