Американски пејач е уапсен под сомнение за убиство на тинејџерка која исчезна во 2024 година
Американскиот пејач Ди фор ви ди (D4vd) е уапсен под сомнение за убиство на тинејџерка која исчезна во 2024 година, потврди полицијата, пренесува „Би-би-си“. 21-годишниот алтернативен поп пејач, со вистинско име Дејвид Берк, е приведен во Лос Анџелес во рамки на истрагата за смртта на Селесте Ривас Ернандез.
Препорачано
Полициската управа во Лос Анџелес соопшти во четвртокот дека пејачот е задржан без можност за кауција и дека случајот во понеделник ќе биде презентиран пред канцеларијата на окружниот обвинител. Од таму потврдија дека се запознаени со апсењето и дека нивниот оддел за тешки кривични дела ќе го разгледа случајот за да утврди дали има доволно докази за поднесување обвинение.
Адвокатите на одбраната Блер Берк, Мерилин Беднарски и Реџина Питер остро реагираа на апсењето.
„Да бидеме јасни – вистинските докази во овој случај ќе покажат дека Дејвид Берк не ја убил Селесте Ривас Ернандез и дека не бил причина за нејзината смрт“, наведоа во електронска порака.
„Ниту една голема порота во овој случај не подигнала обвинение, ниту е поднесена кривична пријава. Дејвид е само задржан под сомнение. Силно ќе ја браниме неговата невиност.“
Ова е нивна прва јавна изјава за случајот. Иако пејачот главно молчеше за случајот, неговите претставници претходно изјавија дека соработува со властите.
Апсењето во четвртокот претставува прв значаен напредок во истрагата по повеќе месеци. Големата порота на округот Лос Анџелес почнала да разгледува докази во случајот уште во декември минатата година. Истрагата официјално била тајна, но нејзиното постоење и фактот дека пејачот е нејзина цел беа откриени на 25 февруари, кога неговата мајка, татко и брат на суд во Тексас се спротивставиле на судски покани за сведочење.
Повеќе детали за случајот излегоа на виделина откако суд во Калифорнија го повика семејството на пејачот од Тексас да сведочи пред големата порота. Судските документи, до кои дошла „Би-би-си“, потврдија дека пејачот е идентификуван како „цел“ на истрагата и дека би можел да биде обвинет за убиство. Ова било откриено затоа што неговиот татко, Давуд Берк, борејќи се против судската покана, приложил материјали од случајот во Калифорнија кои претходно не биле јавни.
Телото на Селесте Ривас Ернандез било пронајдено на 8 септември 2025 година, еден ден по нејзиниот 15-ти роденден. Нејзините посмртни остатоци биле откриени во автомобил „тесла“ на отпад за возила во Холивуд, откако властите добиле пријави за непријатен мирис. Според судските документи, автомобилот бил регистриран на адресата на пејачот во Тексас.
Во документите се наведува дека истражителите во предниот багажник на автомобилот пронашле вреќа за тела „покриена со инсекти и со силен мирис на распаѓање“. Внатре откриле „распадната глава и торзо“. Според документите, било утврдено дека „рацете и нозете биле одвоени од телото“, а во друга црна вреќа биле пронајдени распарчени делови од телото.
Поради тешкиот степен на распаѓање, судскиот лекар ја одложил одлуката за причината за смртта до завршување на истрагата, а службените лица процениле дека девојчето можеби било мртво „неколку недели“ пред пронаоѓањето.
Селесте имала 13 години кога семејството ја пријавило како исчезната во 2024 година во нејзиниот роден град Лејк Елсинор, околу 112 километри југоисточно од Лос Анџелес. Тоа не било прв пат да избега од дома.
Била ќерка на имигранти од Ел Салвадор, а соседите ја паметат како девојче кое речиси секојдневно ја посетувало локалната продавница за да купи слатки и газирани пијалаци. Властите во судските документи наведуваат дека имала 14 години кога била убиена.
Недостигот од информации за овој страшен случај поттикна бројни расправи и шпекулации на интернет за врската меѓу девојчето и пејачот познат по песната „Романтично убиство“. Меѓу ретките детали објавени претходно се наведува дека во моментот на пронаоѓањето носела горен дел без прерамки, црни хеланки, обетка и нараквица. Имала и тетоважа „Шшш…“ на показалецот, речиси идентична со онаа што ја има и пејачот.
Пејачот стекна популарност меѓу младите со мешавина од независен рок, ритам и блуз и поп музика со едноставен звук. Стана вирален на социјалната мрежа Тикток во 2022 година со песната „Романтично убиство“, по што потпиша договор со музички издавачки куќи.
Набргу по пронаоѓањето на телото, пејачот ја откажа светската турнеја, што го означи почетокот на падот на неговата кариера и повлекување од јавноста. Полицијата претходно ја пребара неговата куќа во Холивуд Хилс, а беше отстранет и од рекламни кампањи со познати брендови. Пејачката Кали Учис исто така објави дека ја повлекува нивната заедничка песна.


