Ќерката на Томи Ли Џонс пронајдена мртва во хотел во Сан Франциско
Ќерката на Томи Ли Џонс, Викторија Џонс, е пронајдена мртва во хотелска соба во Сан Франциско, јавуваат американските медиуми.
Препорачано
Според информациите на списанието „Пипл“, 34-годишната Викторија Џонс била пронајдена без знаци на живот во четвртокот, на 1 јануари, во хотелска соба во Сан Франциско. Веста првично ја објави порталот Ти-ем-зи, повикувајќи се на полициски извори.
Противпожарната служба на Сан Франциско потврди дека на Нова година, нешто пред 3 часот наутро по локално време, примила повик за итна медицинска интервенција во хотелот „Фермонт“. По пристигнувањето на местото на настанот, екипите можеле само да ја констатираат смртта.
Од Полициската управа на Сан Франциско соопштија дека нивни службеници излегле на терен каде што била пронајдена почината возрасна жена. Иако идентитетот официјално не бил објавен, полициски извор за Ен-би-си изјавил дека се верува оти станува збор за Викторија Џонс. Причината за смртта засега не е позната, а надлежните наведуваат дека нема сомнеж за кривично дело.
Викторија Џонс е ќерка на 79-годишниот актер и неговата поранешна сопруга Кимберли Клафли. Поранешната двојка има и син, Остин Џонс, на возраст од 43 години.
Во помладите години, Викторија кратко се занимавала и со глума. Првата улога ја остварила во 2002 година во филмот „Мажи во црно 2“ (Men In Black 2), во кој главната улога ја имаше нејзиниот татко. Три години подоцна се појавила во филмот „Три погреби за Мелкијадес Естрада“ (The Three Burials of Melquiades Estrada), кој е во режија на Томи Ли Џонс. Забележала и гостување во една епизода од популарната тинејџерска серија „Три хил“ (One Tree Hill).
Томи Ли Џонс е еден од најпознатите холивудски актери и добитник на Оскар за најдобра споредна машка улога во 1993 година за филмот „Бегалец“ (The Fugitive).
Претставниците на Томи Ли Џонс засега не се огласиле по повод овој трагичен настан.


