Ќе стане ли „нутелата“ достапна само за тие со подлабок џеб?
Љубителите на „нутела“ наскоро би можеле да ги очекуваат нови лоши вести, нивниот омилен чоколаден крем би можел повторно да поскапи, предупредуваат италијанските земјоделски здруженија. Оваа година, во Италија ќе бидат собрани околу 70.000 тони лешници, што е половина од просекот од претходните години. Падот на приносите се случува веќе трета година по ред, а причината се климатските промени, поблагите зими, пролетните бури, летните суши и наездата од штетници, објавува Комерсант, повикувајќи се на германскиот неделник Шпигел- пренесува Бизпортал.
Препорачано
Лешникот е клучна состојка во производството на чоколадни кремови, вклучувајќи ја и „нутела“, која италијанската компанија „Фереро“ ја произведува повеќе од 80 години. Околу 500.000 тони „нутела“ се произведуваат секоја година, а лешниците сочинуваат околу 13 проценти од нејзиниот состав.
– Производите со лешници сигурно ќе станат поскапи за индустријата, а тоа веројатно ќе влијае и на цените за потрошувачите – изјави Урсула Шекемеле од Германското друштво за информации за земјоделскиот пазар, пишува Каматица.
Компанијата „Фереро“ не сакаше да коментира дали лошата берба ќе влијае на цените, но германските медиуми пресметаа дека цената на тегла „нутела“ од 450 грама во Германија се зголемила за околу 27 проценти од 2022 година. „Фереро“ бара нови добавувачи и веќе почна да увезува лешници од Турција, но и овогодишната берба таму беше слаба.
Поради слабите приноси и растечките цени, производителите наскоро би можеле повеќе да се потпрат на испораките од САД и Кина, додава Шокемеле.


