Ќе се враќаат во живот старите хотели: По хотел „Бристол“, ќе се реновира и запуштената Арапска куќа
Деновиве веќе е објавен јавен повик за прибирање понуди за изработка на идеен проект, основен проект со сите фази, како и проект за ентериерно уредување за трите хотели, на кој се повикуваат да достават понуди сите овластени проектантски бироа.
Откако неодамна случајни минувачи можеа да забележат дека се отворија вратите на хотелот „Бристол“ на улица Македонија, затворен повеќе од една деценија, и дека во него нешто се работи, сега од „Македонијатурист“ најавувааат дека освен него, планираат целосно да реконструираат уште три препознатливи хотели во Скопје и тоа „Турист“, „Белви“ и хотел „Јадран“ или кај скопјани познат како Арапска куќа.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Деновиве веќе е објавен јавен повик за прибирање понуди за изработка на идеен проект, основен проект со сите фази, како и проект за ентериерно уредување за трите хотели, на кој се повикуваат да достават понуди сите овластени проектантски бироа најдоцна до 17 ноември годинава. Тоа значи дека проектантите имаат две недели да изработат проекти, што навидум е кусо време.
Изборот ќе биде направен почитувајќи го принципот на најдобар сооднос помеѓу времето потребно за изработка на проектот, цената на неговото чинење, како и референтната листа како ваше портфолио за изработка на проекти од ваков вид на дејност, како параметри со еднакво значење при изборот. Напоменуваме дека хотелот „Јадран“ е категоризиран како значајно културно наследство и во однос на истиот ќе се применат сите дополнителни законски прописи за заштита на културното наследство – се наведува во огласот.
Сите овие хотели во изминатите години беа или затворени или запуштени, а „Македонијатурист“ немаше интерес досега да ги обнови, затоа што се работи за скапа инвестиција. Но, потоа дојде до промена на сопственичката структура во фирмата и моментално најголем поединечен акционер е „Скопски пазар“.
„Македонијатурист“ АД Скопје како најголема и најуспешна македонска компанија во областа на хотелиерството и угостителството, поседува повеќе објекти во кои ја врши својата дејност. Во моментов дел од нив се затворени, а станува збор за објекти со долгогодишна историја и јавна препознатливост. Македонија турист развива амбициозни планови во кои планираме реконструкција, уредување и опремување на сите наши објекти по највисоките стандарди кои постојат во областа на хотелиерството, што секако ќе опфати и повторно отворање на затворените хотели и дополнителен развој на целокупната деловна активност- велат од „Македонијатурист“ за „Слободен печат“.
Оттаму објаснуваат дека со објектите кои имаат степен на заштита како културно наследство, како хотел „Јадран“ и хотел „Бристол“ ќе се постапува целосно согласно конзерваторските услови и одобренија од надлежните заштитни институции како и согласно прописите од областа на заштита на културното наследство со што тие ќе го зачуваат својот автентичен изглед.
Дополнително ќе се утврдува редоследот на реновирање, кое, како што велат, ќе се реализира со сопствени средства.
Во однос на хотел „Турист“ во моментов се планира неопходно реновирање и внатрешно уредување. Хотел „Бристол“ ќе го реновира градежна компанија која ќе биде избрана од раководството на „Македонијатурист“ АД Скопје. Динамиката на отпочнување со реновирање и вршење на градежните и уредувачките работи ќе се утврдува дополнително од нашите стручни тимови, а средствата ќе се обезбедат од сопствени извори на Друштвото и ќе ја пратат утврдената динамика согласно потпишаните договори со изведувачите прецизираат од Друштвото.

Во секој случај се работи за некои од најстарите хотели во Скопје и околината, кои се дел од историјата на градот и дел од убавите спомени на скопјани кои токму во нив оделе и да се забавуваат. Во хотелите „Бристол“ и „Турист“ се наоѓаа и најпосетените дискотеки од младите во 70-тите и 80-тите години на минатиот век.
Најстар од овие хотели е „Бристол“, кој почнал да се гради во 1920 година, а свечено бил пуштен во употреба на 24 април 1924 година. Негови инвеститори и први сопственици биле браќата трговци Ташко и Ристо Караџа. Уште од отворањето, тие најчесто го издавале под наем, а за себего користеле единствено кога била нивната семејна слава, Свети Никола. Тогаш ги собирале своите деловни партнери и пријатели на прослава, во раскошните сали на хотелот.
Хотелот бил познат по забави, семејни прослави, во кои се собирале скопјани да танцуваат на музика, а преку лето уживале со пијалок на неговата голема летна тераса. Во 60-тите години му се урива реномето и неговите соби служеле за куси сексуални средби. Во 70-тите години во него се отвара популарната дискотека „Таверна“. Затворен е во 2012 година, а од неодамна се реновира и повторно ќе ги отвори вратите за посетители.
Арапска куќа е дело на архитектот Иван Артемушкин, кој бил ангажиран од браќата трговци Дикиџијан .Објектот бил изграден во периодот меѓу 1936 и 1938 година и наводно, едниот од браќата, Агоп Дикиџијан, објектот го градел како подарок на својата сопруга Агавни. Куќата низ годините била и во сопственост на Рустем Бег и неговата жена Рустикана Натали, а подоцна во неа ќе живее и Димитар Влахов.
Во 60-те години на минатиот век, преминува во рацете на „Македонија Турист“, добивајќи нова намена и ново име – хотел „Јадран“. Објектот е заштитен како културно наследство и со години е затворен за гости.
Хотелот „Турист“ е изграден во 1958 година и е дело на Драган Томовски, македонски архитект, урбанист и проектант на бројни значајни објекти во Македонија. Сега е дел од ланецот „Бест вестерн“ и сѐ уште функционира како хотел, исто како и најново изградениот хотел “Белви“ во општина Илинден, изграден во 1969 година


