Ќе се приклучат ли македонските камионџии во блокадата на границите кон земјите од Шенген-зоната?
Македонските возачи на камиони денес на состанок ќе решат дали и како ќе ги поддржат своите колеги од Србија и Босна и Херцеговина кои на 26 јануари најавија комплетна блокада на граничните премини за товар кон земјите од Шенген-зоната. Блокадата е најавена поради проблемите предизвикани од новиот систем за влез и излез (ЕЕС), кој ги евидентира влезот и излезот на превозниците. Билјана Муратовска, генерална секретарка на „Макам транс“ е децидна дека новиот начин на регистрација е нетарифна бариера. Таа најави дека денес има состанок со превозниците на кој треба да се излезе со генерален став кои ќе бидат следните чекори на нашите возачи.
Препорачано
– Денес имаме состанок со првозниците и до крајот на денот се надевам дека ќе излеземе со став каков вид на поддршка ќе дадеме – вели Муратовска за „Слободен печат“.
Овие мерки доаѓаат откако, како што наведуваат, Брисел не ги зел предвид барањата и предлозите на превозниците за олеснување на процедурите на границите.
Муратовска во неколку наврати оцени дека македонските превознички фирми веќе се интересираат за преселба на капиталот во Словенија, Бугарија, Чешка и Полска за да им обезбедат работни дозволи на возачите и непречено да продолжат со својот бизнис. Таа додаде дека доколку државата не преземе посериозни чекори, ќе ја напуштат и оние малку транспортери што останаа. Муратовска вели дека нашите институции треба да се свесни за проблемот за да не се почувствува нагласен недостиг од стока, која во 96 отсто од случаите се пренесува со камиони.
Ги слуша ли некој проблемите?
Превозниците од регионот се револтирани од недостигот на слух за нивните проблеми предизвикани од новите правила за престој во Шенген зоната и најавуваат целосно запирање на дотурот на стоки. Засега нема ништо од ветувањето дека овој сектор ќе биде изземен од новите правила за регистрација во ЕУ, кои стапија на сила на 12 октомври. Транспортерите со месеци укажуваат дека бараат ист третман како авионскиот, бродскиот и железничкиот екипаж, кои се ослободени од правилото 90 дена во рок од 180 дена во рамките на ЕУ.
Во меѓувреме, Здруженијата на меѓународни превозници од Србија и Босна и Херцеговина испратија заедничко предупредување до Европската комисија и амбасадите на земјите од Шенген зоната дека ќе ги блокираат терминалите за товарен сообраќај на границите со ЕУ доколку проблемот со примената на правилата за престој на возачите во Шенген зоната не се реши итно.
Претседателот на Здружението за меѓународен транспорт од Србија, Неѓо Мандиќ, за „Еуроњуз Србија“ објасни дека протестите не се однесуваат на патничките премини, туку исклучиво на товарните терминали, каде што ќе бидат паркирани камиони, така што во ниту еден момент нема да може да се влезе или излезе со стока.
„Увозот и извозот буквално ќе запрат, а синџирите на снабдување практично не функционираат без нашите превозници“, рече Мандиќ во емисијата „Еуроњуз регион“.
Тој објасни дека последните две години биле посветени на обиди за решавање на проблемот преку дипломатски канали. Тие испратиле писма до Европската комисија и властите во Србија и БиХ, одржале состаноци во Брисел, но немало конкретни одговори.
Мандиќ нагласи дека протестот не го загрозува патничкиот сообраќај, но дека товарниот транспорт може да биде целосно парализиран сè додека не се најде компромис. Тој исто така истакнува дека постои можност проблемот да се реши со едноставно толкување на постојниот систем за прекугранични работници, но дека соседните земји не покажале волја за разговор.
Превозниците ги покануваат другите релевантни институции и стопански комори да се вклучат во формирањето стратегија и наоѓањето решенија, пренесува Еуроњуз.
Најголема побарувачка за возачи има во Германија
Во моментот најголема побарувачка на возачи на тешки камиони и автобуси има во Германија, Франција, Полска, Луксембург и Литванија. Полска, на пример, нуди месечна плата од 1.700 до 2.540 евра месечно со спонзорирана работна виза и сместување. Во Луксембург месечната плата е од 2.500 до 3.000 евра со здравствено осигурување и бонуси, во Германија се нуди плата од 2 до 2.800 евра месечно со платена храна и пензиски план, а пак Литванија нуди плата од 1.800 до 2.300 евра, бонуси за долги релации и работна дозвола.
Според претходните анализи на ОН, годинава во светот има недостиг од 2 милиони камионџии, а со последните проекции до 2028 година оваа бројка ќе порасне за дополнителни 500 илјади камионџии.


