Ќе ги дочекаат ли карпошанки ветените бесплатни прегледи за остеопороза?
Градоначалникот Сотир Лукровски најави дека во текот на целиот негов мандат, секој месец по 10 жени постари од 50 години ќе добијат бесплатен преглед за остеопороза, но сега од Општина Карпош не одговараат кога ќе започне реализацијата на проектот.
Иако помина повеќе од еден месец по доаѓањето на Сотир Лукровски на „кормилото“ на Општина Карпош, сѐ уште не се знае дали е започнат или дали воопшто ќе се реализира еден од неговите најамбициозни проекти – бесплатните прегледи за остеопороза за жени повозрасни од 50 години, кои треба да се одвиваат во приватната болница „Аџибадем Систина“.
Препорачано
Проектот, кој Лукровски го најави неколку денови пред завршувањето на кампањата, односно на 27 октомври, директно од холот на болницата заедно со менаџментот на „Систина“, опфаќа десет бесплатни прегледи за остеопороза секој месец од неговото доаѓање на функција па сѐ до завршувањето на градоначалничкиот мандат. Статистички, бројот на, како што вели Лукровски, договорени прегледи со болницата ќе опфати 480 жени.
– Како човек што веќе речиси три децении е дел од здравствениот систем, верувам дека локалната власт може да помогне во подобрување на превентивата и пристапот до здравствени услуги. Горд сум што имаме ваков здравствен капацитет како „Аџибадем Систина“, со кој можеме да соработуваме на општествено одговорни проекти. Со менаџментот на болницата се договоривме месечно по десет жени од Карпош, постари од 50 години, да добиваат бесплатен ДЕКСА скен, стручно мислење и понатамошен третман. Ова е наш придонес во борбата против остеопорозата и во подигнувањето на свеста за здравјето на жените – рече Лукровски.
Тој тогаш додаде дека оваа иницијатива ќе биде само „почеток на поширока соработка меѓу општината и здравствените институции“.
Доцнењето со почеток на овој проект можеби беше и навестено со одложеното доаѓање и преземање на градоначалничката функција и сите обврски што таа ги носи од страна на Лукровски, кој дури десет дена по вториот изборен круг и откако Државната изборна комисија соопшти дека заклучно со 12 ноември официјално ги прогласува локалните избори за завршени, новоизбраниот „татко“ на Карпош седна во градоначалничката фотелја.
„Слободен печат“ неколкупати се обиде да ја контактира прес-службата на Општината во врска со почнување и детали околу прегледите за остеопороза за жени повозрасни од 50 години, но оттаму, за жал, одговор не добивме.
Во кампањата на Лукровски беа најавени огромен број проекти што ќе ги зафатат сите области, како и стопирање на „бетонизацијата“ во општината со ревизија на сите детални урбанистички планови што се спротивни на јавниот интерес и изработка на нови, ревидирани ДУП-ови.
Во делот на хигиената тој вети нови контејнери, редовно собирање отпад, кое не е во негова надлежност, и почисти улици, а потоа имаше многубројни проекти за подобрување на животната средина, туризмот, безбедноста и надзорот, средување на хаосот со паркирање во Карпош со изградба на монтажни гаражи, дигитализација на Општината, 500 паркинг-места за велосипеди, како и голем број субвенции и услуги за задоволување различни потреби на жителите на општината со која речиси два месеца раководи.
Факт е дека поголемиот дел од проектите наменети за гореспоменатите области се поопширни и во најголем дел бараат соработка и поддршка од градската и од централната власт, но факт е и дека карпошовото „тркало“ за почеток и реализација на овие помали и поголеми иницијативи и проекти навистина многу бавно започнува да се придвижува во споредба со другите скопски општини.
Карпошани му ја дадоа својата поддршка на Лукровски, која, освен поради една од најголемите кампањи на локалните избори, веројатно ја доби и поради широката понуда на проекти и решенија за карпошани, меѓу кои беше и тој за бесплатните прегледи за остеопороза. Но, крајно време е и да се почне со реализација на проектите и придвижување на општинската администрација, која веројатно поради промените во својот кадар и во службата за односи со јавност, во повеќе од три наврати не успеа да одговори на прашањата на „Слободен печат“ дали се започнати прегледите за остеопороза и на кој начин ќе се одбираат жените што ќе ја добијат квалитетната бесплатна здравствена проверка.
Антикорупциска ќе проверува дали „Систина“ му е донатор на Лукровски


