Карпошани со денови прашуваат има ли Карпош градоначалник: Лукровски дури сега ја презеде функцијата
Откако сите други избрани градоначалници се пофалија по социјалните мрежи со уверенијата од ДИК за нивниот избор, Сотир Лукровски се фотографираше само надвор од општинските простории и главно споделуваше информации за чистење низ општината. Неговото уверение доцнело поради приговорите за изборот.
Десет дена по вториот изборен круг и откако Државната изборна комисија соопшти дека заклучно со 12 ноември официјално ги прогласува локалните избори за завршени, од денеска во градоначалничката фотелја седна и новоизбраниот „татко“ на Карпош, Сотир Лукровски.
Препорачано
Во изминатите денови, откако сите други избрани градоначалници се пофалија по социјалните мрежи со уверенијата од ДИК за нивниот избор, Лукровски се фотографираше само надвор од општинските простории и главно споделуваше информации за чистење низ општината.
Карпошани веќе почнаа да прашуваат каде е новиот градоначалник и што се случува во Општината, особено што последната вест споделена на социјалните мрежи и на официјалната веб страна на Општината со денови беше завршната прес конференција на досегашниот градоначалник Стевчо Јакимовски, а Јакимовски и сѐ уште е наведен како градоначалник на интернет страната на Карпош.
Претпладнево со видео снимка на Фејсбук се огласи и Лукровски, но повторно не соопшти конкретно дали денеска е денот кога ја презема функцијата.
Драги мои карпошани, соседи, пријатели, после долга и исцрпувачка кампања и два изборни круга, денеска на убавиот голем празник на ослободувањето на нашиот град, полека го движам патот пеш од мојот дом до општината каде што претпоставувам веќе ме чекаат моите колеги и претпоставувам дека се малку возбудени, како јас. Сакам уште еднаш да ви ветам дека во мене ќе имате сосед, пријатело, ќе имате човек кој ќе ги разбере сите ваши барања, ќе работам често, ќе работам отчетно, и ве уверувам дека нема да се покаете што го дадовте вашиот глас, па и оние кои не главте за мене. Ќе бидам обединител на сите. Сите заедно во еден поубав Карпош. Честит празник и убав ден – рече Лукровски.
На прашањето дали новиот градоначалник на Карпош веќе го добил уверението и кога, не упатија да се обратиме до Општинската изборна комисија, каде посочените телефони беа неактивни. Но, како што нагласија од ДИК, можно е тој денеска или утре, па дури и во понеделник да го добие уверението, поради тоа што во Карпош имало многу приговори на изборите.
Конечно, големата „мистерија“ предмалку ја реши Општина Карпош, од каде конечно потврдија дека денеска му е врачено уверението за мандатот на новиот градоначалник, како и уверенијата за мандатите на 27-те иџзбрани советници, кои во претстојниот четиригодишен мандат ќе ги застапуваат интересите на карпошани во општинскиот Совет.
Вчера пак, претседетелот на ДИК Борис Кондарко истакна дека ги добиле одлуките на Управниот суд со кои се одбиени сите тужби, односно со кои се потврдени одлуките на ДИК за одбивање на претходно донесените приговори.
По истекот на спроведените законски дејствија и поминатите законски рокови за поднесување приговори до ДИК и за поднесување тужби до Управниот суд, во постапката за сумирање и утврдување резултати од ласањето, ДИК ги објавува конечните резултати за избор на градоначачник на општините во постапката по приговори и тужби каде што постапката е завршена односно ова дополнување на заклучок за конечни резултати за завршено гласање за вториот круг каде што имаше поднесено приговори и тужби, конкретно – Општина Брвеница избран кандидат за градоначалник Јовица Илиевски коалиција Твоја Македонија ВМРО-ДПМНЕ, Општина Карпош Сотир Лукровски избран кандидат за градоначачник коалиција Твоја Македонија ВМРО-ДПМНЕ, Курто Дудуш Унија на Роми, избран кандидат за градоначалник на Општина Шуто Оризари, посочи Кондарко.
Општинската администрација на Карпош уште од завршувањето на вториот изборен круг на 2 ноември беше „обезглавена“ затоа што во Општината, како што неофицијално дознавме не доаѓал ни Јакимовски, а досега не беше „вселен“ ниту Лукровски. Тоа сето го отежнувало дневното функционирање на администрацијата во случаи кога одлуката зависи од градоначалникот.
Сега, Лукровски ја презеде функцијата. Дознаваме дека примопредавање со неговиот претходник Јакимовски немало, што не е неочекувано откако Јакимовски соопшти дека не ја признава победата затоа што, како што рече, „Карпош е украден“.
Сега пред Лукровски се четири години во кои треба да го исполни сето тоа што им го вети на карпошани.


