Кина чекор поблиску до Месечината — испрати астронаути во историска едногодишна вселенска мисија
Кина испрати тројца астронаути во својата вселенска станица „Тјангонг“, при што еден од нив ќе остане во орбитата цела година, што претставува најдолга мисија за земјата досега. Мисијата има цел да обезбеди податоци за влијанието на долготрајниот престој во вселената врз човечкото тело, како дел од подготовките за амбициозниот план на Пекинг за слетување на Месечината до 2030 година, пренесува „Ројтерс“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Вселенското летало „Шенџоу-23“ беше лансирано во неделата навечер од центарот „Џиукуан“ во северозападна Кина, со помош на ракетата „Лонг марч 2Ф“. Екипажот го сочинуваат командантот Жу Јангжу, пилотот Жанг Јуанџи и специјалистот за товар Ли Џиjинг, поранешна инспекторка во полицијата во Хонг Конг, која е првата астронаутка од градот што учествува во кинеска вселенска мисија.
Еден од тројцата астронаути ќе остане на станицата „Тјангонг“ една година, но конечната одлука кој ќе биде избран ќе зависи од текот на мисијата, соопшти Кинеската агенција за човечки вселенски летови.
Кина веќе има испратено астронаути на својата вселенска станица речиси десетина пати, но оваа мисија се случува во услови на засилена трка со САД за освојување на Месечината. Американската агенција НАСА планира слетување до 2028 година, додека Кина целта ја поставува за 2030 година, а двете земји најавуваат и создавање долгорочно присуство на Месечината.
Во меѓувреме, компанијата „СпејсИкс“ на Илон Маск спроведе тест лет на новата ракета „Старшип“, која треба да овозможи идни мисии кон Месечината и пошироко.
Кина во последните години значително ги развива своите вселенски капацитети, вклучувајќи и роботски мисии. Во 2024 година, таа стана првата земја што успеа да донесе примероци од далечната страна на Месечината со помош на роботска мисија.
Покрај истражувањето на вселената, научниците ќе ги следат и ефектите од радијација, губење на коскена маса и психолошкиот стрес кај астронаутите за време на долготрајниот престој.
Кинеската вселенска програма исто така спроведува и експерименти со човечки матични клетки во орбитата, со цел да се истражат условите за долгорочно преживување и развој на човечки организми во вселената.


