Килограмите во менопауза не почнуваат кога мислите — лекарите предупредуваат на „тивка“ промена во телото
Замислете: во средината на 40-тите години сте, се храните здраво и редовно вежбате. Истата рутина ви функционирала со години, но одеднаш бројката на вагата почнува да расте, облеката стои поинаку, а маснотиите околу стомакот се појавуваат речиси преку ноќ, пишува „Саенс алерт“.
Препорачано
Многу жени мислат дека ваквите промени започнуваат дури по менопаузата, но истражувањата покажуваат дека вистинската метаболичка промена почнува многу порано – во периодот на перименопауза.
Во текот на оваа повеќегодишна транзиција, телото почнува помалку ефикасно да ги обработува шеќерите и јаглехидратите, додека метаболизмот постепено се забавува. Тоа може да доведе до зголемување на телесната тежина, особено во пределот на стомакот, дури и ако животните навики останат непроменети.
Перименопаузата е фаза во која нивото на естроген и прогестерон почнува непредвидливо да варира. Овие хормонални промени влијаат врз речиси секој метаболички процес во организмот. Естрогенот има важна улога во распределбата на мастите, обновувањето на мускулите и чувствителноста на инсулин, па кога неговото ниво варира, телото почнува поинаку да складира масти – од колковите и бутовите, тие се префрлаат околу стомакот.
Во исто време, телото постепено губи мускулна маса, а хормоналните промени влијаат и врз сонот, нивото на стрес и апетитот.

Она што е особено важно, според експертите, не е само зголемувањето на килограмите, туку промената на телесниот состав. Дури и кога тежината останува иста, жените често губат мускули и добиваат маснотии околу стомакот. Овие масти околу органите се поврзуваат со воспаленија, дијабетес тип 2, срцеви заболувања и нарушувања на спиењето.
Истражувањето „Студија за здравјето на жените низ целата нација“, кое ги следи промените кај жените уште од 1994 година, покажало дека токму во перименопаузата започнува забрзаното зголемување на масното ткиво и намалување на мускулната маса – многу пред престанокот на менструалниот циклус.
Експертите велат дека токму затоа овој период треба да се гледа како можност за навремена реакција, бидејќи телото сè уште добро реагира на промени како тренинг со тегови, поквалитетна исхрана и подобар сон.
Тие предупредуваат и дека советот „јади помалку и движи се повеќе“ не е доволен за жените во 40-тите години, бидејќи не ги зема предвид хормоналните промени.
Наместо тоа, препорачуваат тренинг за сила два до трипати неделно, поголем внес на протеини, поквалитетно спиење, намалување на стресот и разговор со лекар за метаболичкото здравје и хормоналните промени.
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | „Пириод Скопје“ : Во Македонија никој јавно не зборува за менструално здравје


