Илустративна фотографија за речник и фанови на Тејлор Свифт / Фото: Pexels/Profimedia

Кембриџ го избра зборот на годината за 2025 – „парасоцијален“

Кембричкиот универзитет го прогласи зборот „парасоцијален“ за збор на 2025 година – термин што го опишува чувството на поврзаност што луѓето го имаат со личност која всушност не ја познаваат, па дури и со вештачка интелигенција. Зборот првпат бил дефиниран во 1956 година од социолозите Доналд Хортон и Ричард Вол, кои сакале да објаснат како гледачите создаваат „парасоцијални“ врски со телевизиски личности, пишува Си-ен-ен.

Овој феномен е уште поизразен денес, кога корисниците на социјалните мрежи развиваат парасоцијални врски со славни личности, инфлуенсери и интернет фигури со кои немаат никаква лична поврзаност.

Еден од најистакнатите примери што го наведува Кембриџ е пејачката Тејлор Свифт, која годинава ја објави свршувачката со НФЛ-ѕвездата Тревис Келси. Многу обожаватели зборуваат за своите „длабоки чувства“ кон парот, иако огромното мнозинство никогаш не ги запозналo.

Тревис Келси и Тејлор Свифт / Фото: Rob Carr / Getty images / Profimedia

Друг пример е британската пејачка Лили Ален, чиј последен албум „West End Girl“ ја раскажува приказната за едно раскинување, а кај публиката предизвика силен „парасоцијален интерес“ за нејзиниот љубовен живот.

Употребата на зборот експлозивно порасна годинава, особено поради загриженоста дека луѓето почнуваат да развиваат парасоцијални врски и со вештачки интелигенции како што е Чат Џи-пи-ти.

Колин Мекинтош, лексикограф во речникот на Кембриџ, вели дека зборот „го доловува духот на 2025 година“ и покажува колку брзо се менува јазикот.

„Оној што некогаш беше стручeн академски термин денес стана мејнстрим. Милиони луѓе се вклучени во парасоцијални односи; уште повеќе се фасцинирани од нивниот подем. Јазикот околу парасоцијалните феномени се развива со огромна брзина, како што технологијата, општеството и културата се менуваат“, истакна тој.

Професорката Симон Шнал, експерт по експериментална социјална психологија на Универзитетот во Кембриџ, го опиша изборот како „вистински инспириран“.

„Подемот на парасоцијалните врски го редефинира фандомот, славата, па дури и начинот на кој обичните луѓе комуницираат онлајн. Влеговме во ера во која многумина создаваат нездрави и интензивни парасоцијални врски со инфлуенсери. Тоа создава чувство дека навистина ги познаваат, дека може да им веруваат, па дури и екстремни форми на лојалност – иако односот е потполно едностран“, рече таа.

Кембриџ го издвојува и зборот „слап“ – дефиниран како интернет содржина со многу низок квалитет, особено онаа создадена со вештачка интелигенција. Меѓу забележаните термини се и „мимифицирање“ – претворање на некој настан, слика или личност во мим.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот