ВИДЕО | Kејт Мидлтон денеска полни 44 години, ја прекина традицијата со емотивно видео
Оваа година, за својот 44-ти роденден, наместо семејна честитка на социјалните мрежи, Кејт Мидлтон одлучи роденденот да го одбележи со лично видео во кое зборува за утехата и силата што ги пронашла во природата во текот на борбата со ракот, истакнувајќи колку е „неизмерно благодарна што е жива“.
Препорачано
По повод 44-тиот роденден на Кејт Мидлтон, Кенсингтонската палата го објави последниот дел едногодишната видеосерија „Мајка природа“ (Mother Nature), во која, со гласовна нарација од самата принцеза, се прикажуваат снимки од нејзината рана утринска прошетка во Беркшир, недалеку од семејниот дом во Виндзор.
Во нарацијата за зимската епизода, принцезата се осврнува на сопствениот пат и процесот на закрепнување во текот на изминатите две години, отворено зборувајќи за стравовите, солзите и оздравувањето, како и за длабоката благодарност кон животот.
– Дури и во најстудениот и најтемниот период, зимата ни носи мир, трпение и тишина. Во моментите кога протокот се забавува доволно за да го видиме сопствениот одраз во него, ги откриваме најдлабоките делови од себе… Сè повеќе размислувам за тоа колку сум благодарна – вели Кејт во видеото.
– Серијата „Мајка природа“ за мене беше длабока и лична, креативна рефлексија за тоа како природата ми помогна во оздравувањето. Но, тоа е исто така приказна за моќта на природата и креативноста во заедничкото исцелување. Од мајката природа има толку многу што можеме да научиме додека градиме посреќен и поздрав свет. К. – додала Кејт во придружниот, лично потпишан текст.
View this post on Instagram
Принцезата во јануари 2024 година, беше подложена на сериозна абдоминална операција, по што лекарите открија рак. Следеше исцрпувачка превентивна хемотерапија, а таа ја објави веста лично во видеопорака во март истата година. Во септември, таа откри дека ја завршила терапијата, нагласувајќи дека ќе им се враќа на кралските должности полека и постепено. Во јануари минатата година, таа објави дека е во ремисија, повторно замолувајќи ја јавноста за разбирање.
Од Кенсингтонската палата порачуваат дека серијата „Мајка природа“, која секое тримесечје ја следела промената на годишните времиња, била замислена како „одраз на убавината и сложеноста на човечкото искуство“ и како посветеност на лекциите што можеме да ги научиме од природата – за растот, поврзаноста и меѓусебните односи.
Филмот е продуциран од „Вил Вор“, а покрај сцените од Беркшир, снимен е и во Камбрија, Глостершир, Лондон, Ист Сасекс и Котсволдс.


