Кавачки мафијаши сакале „да им предадат тајни информации за српската влада на Американците за да му се одмаздат на Вучиќ“
Членот на кавачкиот клан Марко Миљковиќ во групната порака со Вељко Беливук во 2021 година наведува дека поради влошениот однос со власта тие повеќе нема да ја поддржуваат СНС, спомнува можност за контакти со „Американците“ кои би можеле да му наштетат на Вучиќ и порачува дека се разочарани од, како што вели, агресивниот однос на власта кон нив.
Припадниците на кавачкиот криминален клан, Вељко Беливук и Марко Миљковиќ, непосредно пред да бидат уапсени во Белград на 4 февруари 2021 година, имале намера – како што укажуваат транскриптите од нивната комуникација преку платформата „Скај“ – да стапат во контакт „со Американците“ и да им предадат компромитирачки податоци за српските власти, дознава „Нова“.
Препорачано
Од оваа комуникација се гледа и дека Беливук и Миљковиќ „биле разочарани од променетиот однос на власта кон нив“, што може да се заклучи од пресретнатите пораки во кои увид имала „Нова“.
„Дајте ги тие Американци, да ги преминеме овие како плиток поток“, напишал Беливук на апликацијата „Скај“ на 1 февруари 2021 година, во групниот чет што тој и неговите криминални соработници од Црна Гора го нарекле „Витези на тркалезната маса“, а кој бил креиран за време на нивната посета кај тогашниот водач на озлогласениот црногорски кавачки клан, Радоје Звицер.
Две сценарија за „ликвидацијата“ на лидерот на кавачкиот клан
Два дена претходно, на 30 јануари 2021 година, Миљковиќ пишува во истата група дека поради променетиот однос и тие ќе ја ускратат својата поддршка на владејачката Српска напредна странка (СНС):
„Вчера јас и Сопрано зборувавме за тоа, ти се колнам колку сме кај вас почитувани, а овде овие гомна сакаат да нè линчуваат, ама од нас В нема да добие глас, па и да завршам точно 40 години. Имаш ли добар контакт со Американците што сакаат да го рушат В кај нас? Ако треба, брате, ќе ти пишуваме, ме боли уво за политика, ама овој болен го претера. Напаѓа секого“.
Истиот ден, Миљковиќ испраќа порака во групниот чет „Витези на тркалезната маса“:
„А и гледаат дека нема да ги поддржиме на избори, Вучиќ, и сега, разбираш брате, сакаат да нè кинат. Нека, брате, нека прават што сакаат, ама никогаш повеќе глас нема да добијат од нас – ниеден“.
Миљковиќ на 31 јануари, пет дена пред апсењето, пишува дека тој и Беливук поради ситуацијата нема повеќе да престојуваат во Србија во исто време:
„Нема да бидеме двајцата во земјата, туку на смена – еден во Србија, другиот надвор, па ротација. Ова што го прават е потценување. В целосно полуде. Имам теретана дома, утрото тренинг, ама не како порано, ме нервираат овие велепредавници. Нормално дека сакаат, брате, ме боли к*р, нека нè стават и во затвор, не е првпат, туку те нервира кога те продава некој кому ништо лошо не си му направил. Вака ни беше и со к*рвата Дијана, па ја победивме, ќе ги победиме и овие. Вулин до вчера садеше Јовањица, а сега глуми министер за полиција. Ќе имаме некои снимки за нивните бизниси, па да видиме како да ги пласираме кај Американците. Овде медиумите се целосно задушени. Нека Американците го е*ат кога е предавник на својата земја и на своите пријатели, клошар. Сѐ ќе ти соберам на едно место. Сакам, брате, само сега сѐ да искоординираме и бегам назад за Црна Гора“.
Во извештајот на Европол се наведува дека Беливук и Миљковиќ на 17 јануари слетале во Црна Гора за да присуствуваат на прославата организирана од Радоје Звицер.
Поранешниот функционер на црногорската Агенција за национална безбедност, Петар Лазовиќ, според извештајот на Европол, располагал со информации дека Вељко Беливук и Марко Миљковиќ се под целосен надзор на српските разузнавачки служби и за тоа го известувал Радоје Звицер, при што дури сугерирал и исмевање на црногорските безбедносни структури.
Во извештајот, се наведува дека комуникацијата во групата „Витези на тркалезната маса“ опфаќала не само детали за нивните престои во Црна Гора, состаноци и прослави, туку и разговори за планирани кривични дела, при што Беливук, Миљковиќ и Звицер биле целосно запознаени со полициските активности против спротивставениот шкаљарски клан и дури давале насоки како да се водат истрагите.
По објавувањето на делови од извештајот на Европол во мај 2022 година, новоименуваниот главен специјален обвинител на Црна Гора, Владимир Нововиќ, го уапси Лазовиќ, додека Звицер и Миловиќ избегале, а неговиот претходник Миливоје Катниќ во извештајот не видел ништо спорно.
Во меѓувреме, пред Вишиот суд во Подгорица се водат повеќе постапки против сите обвинети од оваа чет-група, додека судењето против Беливук и Миљковиќ и против уште десетмина припадници на нивната група започна дури во средината на 2022 година пред Специјалниот суд во Белград, каде тие се товарат за серија тешки кривични дела, а дополнителни контроверзии предизвика и јавната кампања на српските власти, како и понудата на Беливук да стане сведок-соработник во чувствителни политички случаи.
Разбивањето на групата на Вељко Беливук се случи во момент кога европските безбедносни служби најавија декодирање на криптираната апликација „Скај“ и започнаа координирана офанзива против нарко-кланови низ ЕУ. Токму користењето на оваа апликација ја издвојуваше групата – не само како средство за меѓусебна комуникација, туку и за намамување жртви и за испраќање фотографии од брутални убиства до противници.
Во обемното обвинение на белградското обвинителство се наведуваат седум убиства и низа тешки кривични дела, поткрепени со цитати од внатрешната комуникација што сведочат за екстремната насилност и дехуманизација на членовите.
По апсењата во февруари 2021 година, српските власти, предводени од претседателот Александар Вучиќ, ја презентираа аферата пред јавноста со невидена медиумска експонираност, вклучително и прикажување нецензурирани фотографии од жртвите.
Подоцна, самиот Беливук јавно понуди да стане сведок-соработник во политички чувствителни случаи, што дополнително ги засили сомнежите за поширок контекст на неговото дејствување. Сепак, клучните прашања – како настанала групата, под чие покровителство и со каква цел – останаа без официјален одговор од државните институции.
Истражувачките новинари отворија и дополнителни дилеми, посочувајќи на врски меѓу поединци од безбедносните структури, државни функционери и навивачките групи преку кои Беливук делувал. Дел од убиствата, според достапните податоци, биле извршени додека групата била под мерки на надзор, а комуникациите биле следени од полицијата и безбедносните служби. Овие факти, заедно со документирани контакти со припадници на МВР и БИА, фрлаат сенка врз улогата на институциите и отвораат прашања за можен институционален пропуст или соучесништво што досега не е темелно расветлено.
Осумнаесетгодишен Македонец осомничен за обид за убиство во Црна Гора


