Канје Вест се враќа со нов албум и голем настап во Лондон
Американскиот рапер Канје Вест, познат и како Јe, е најавен како главен изведувач на сите три вечери на овогодишниот Ваерлес фестивал во Лондон. Фестивалот ќе се одржи од 10 до 12 јули во Финсбери Парк, а ова ќе биде негово прво појавување во Велика Британија по 2015 година, кога настапи како хедлајнер на Гластонбери, пишува „Би-би-си“.
Препорачано
Организаторите соопштија дека неговото враќање ќе биде „исклучително поглавје“ во историјата на фестивалот. Се очекува Вест да изведе песни од целата своја кариера, почнувајќи од деби албумот „The College Dropout“ (2004), па сè до подоцнежните изданија како „Graduation“ (2007) и „The Life of Pablo“ (2016). Неколку дена пред најавата, тој го објави и својот нов, дванаесетти студиски албум „Bully“. Засега, други изведувачи за фестивалот во 2026 година не се објавени.
Сепак, неговото враќање предизвика бурни реакции во јавноста. Вест во изминатите години беше во центарот на критики поради низа антисемитски изјави и контроверзни постапки. Во 2022 година, компанијата „Адидас“ ја прекина соработката со него токму поради таквите ставови. Во 2025 година му беше забранет влез во Австралија по објавување песна во која се споменува нацистичкиот лидер Адолф Хитлер, а претходно јавно се декларираше како нацист и ја повлече својата претходна изјава со извинување.
Подоцна, Вест се сретна со рабинот Јошијаху Јосеф Пинто и наводно се извини за своите изјави. Во јануари објави и писмо во весникот Wall Street Journal, каде зборуваше за својата дијагноза – биполарно растројство тип 1. Во него наведе дека во одреден период „ја изгубил врската со реалноста“, што довело до неговите контроверзни постапки, и истакна дека не е ниту нацист ниту антисемит.
И покрај тоа, бројни организации и поединци реагираа негативно на неговото ангажирање. Дел од нив сметаат дека е неприфатливо да му се дава толку голема сцена по сè што изјавил, нагласувајќи дека неговите зборови имале реално негативно влијание врз еврејската заедница.
Во меѓувреме, Вест постепено се враќа на музичката сцена, настапувајќи на големи фестивали и концерти во САД, Кина, Јужна Кореја и Мексико во последните години. Ваерлес фестивалот традиционално собира околу 50.000 посетители дневно, а ланската година главна ѕвезда беше Дрејк, кој настапи три вечери по ред.
Иако дел од публиката со нетрпение го очекува неговото враќање, реакциите остануваат поделени, што најавува дека неговиот настап ќе биде еден од најкоментираните музички настани годинава.


