„Камионџиите не се туристи“: возачите од Македонија, Србија, Црна Гора и БиХ ѝ дадоа рок на ЕУ до 10 август

Претставници на транспортни здруженија од Србија, Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина одлучија да испратат ново заедничко писмо до Европската комисија со барање до 10 август да се понуди прифатливо решение за проблемот со ограничувањата за престој на професионалните возачи во Шенген зоната.

Претседателот на Меѓународната асоцијација за транспортен бизнис, Неџо Мандиќ, ја објави одлуката на прес-конференција по заедничкиот состанок на претставниците на деловните здруженија на овие четири земји.

„Се согласивме дека во овој момент нема да преземеме никакви конкретни активности, но дека од денешниот состанок ќе испратиме писмо до Европската комисија со рок до 10 август за да се најде прифатливо, ако не конечно, тогаш барем привремено решение за нашите возачи и транспортни компании да можат да работат без пречки“, рече Мандиќ, истакнувајќи дека сакаат да избегнт протести и блокади, затоа што тоа им штети на сите.

Тој најави дека претставниците на здружението повторно ќе се состанат околу 10 август доколку дотогаш нема прифатлив одговор од Брисел.

„Во тој случај, ќе објавиме нови конкретни мерки за забрзување на решавањето на овој проблем“, рече Мандиќ, без да прецизира кои мерки би можеле да се преземат.

Тој додаде дека шпедитерите од регионот едногласно усвоија декларација на неодамнешниот конгрес во Букурешт во поддршка на барањата на транспортерите.

„Не можеме на никаков начин да прифатиме дека транзитот значи престој“.

Мандиќ, исто така, потсети дека сегашното правило според кое државјаните на трети земји можат да останат во Шенген зоната максимум 90 дена во период од 180 дена не е прилагодено за професионалните возачи.

Како што објасни, анализата на транспортните здруженија покажува дека на возачите им се потребни околу 130 дена работа во период од 180 дена за непречено извршување на меѓународен транспорт.

Тој оцени дека професионалните возачи не можат да се изедначат со туристи, бидејќи времето поминато во транзит и вршење транспорт не претставува вистински престој.

„Професионалните возачи го поминуваат поголемиот дел од своето време во камионот или на задолжителни паузи за одмор на паркингот. Тие не престојуваат во Шенген земјите како туристи, туку ја извршуваат својата работа. Затоа, веруваме дека сегашниот метод на пресметување на деновите не е оправдан и сериозно го загрозува работењето на транспортните компании“, рече Мандиќ.

Тој потсети дека проблемот стана уште поизразен по проширувањето на Шенген зоната кон Хрватска, Романија и Бугарија, поради што земјите од регионот се практично целосно опкружени со земји-членки на Шенген, па возачите голем дел од своето работно време го поминуваат во таа зона.

 

Европска комисија: Потребно е системско решение на ниво на ЕУ за проблемот со возачите на камиони

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот