Каја Калас / Фото; EPA-EFE/JULIEN WARNAND

Калас: НАТО е најдобра гаранција за безбедноста на Украина

НАТО ќе биде најдобрата гаранција за безбедноста на Украина, изјави во четвртокот за АФП шефицата на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас, позиција на спротивната страна од онаа на Доналд Трамп.

За време на интервјуто, кое го даде во Вашингтон, потпретседателката на Европската комисија исто така предупреди дека Европејците нема да можат да придонесат за евентуален договор за Украина доколку не бидат поканети на преговарачка маса, додека американскиот претседател преговара директно со неговиот руски колега Владимир Путин.

За Калас, првата жена што стана премиер на Естонија, советска република до 1991 година и сосед на Русија, земјите од НАТО никогаш не ја нападнале Русија, која „се плаши од демократијата“.

„Зошто сме во НАТО? Затоа што се плашиме од Русија. И единственото нешто што навистина функционира, единствената безбедносна гаранција што функционира е чадорот на НАТО“, инсистираше таа.

Американскиот претседател ја отфрли можноста за членство на Украина во НАТО, на што и Москва се спротивставува, и останува нејасна за безбедносните гаранции што американската влада е подготвена да ги понуди на Киев во случај на договор за прекин на огнот, три години откако руската армија ја нападна украинската територија.

Доналд Трамп исто така рече дека НАТО е „веројатно причината поради која сето тоа започнало“.

„Овие обвинувања се целосно лажни“, возврати Калас. „Ова е рускиот наратив во кој не треба да веруваме“.

И зошто, се прашуваше таа, „да и дадеме на Русија сè што сака надвор од она што веќе го направи, напаѓајќи ја Украина, анектирајќи територии и окупирајќи територии“, за да и се даде „уште повеќе“?

„Замислете САД по 11 септември (2001) да седнат на маса со Осама бин Ладен и да му велат: „добро, сакаш ли нешто друго?“. „Тоа е незамисливо“, рече таа.

Русија инсистира на тоа дека САД ветиле по крајот на Студената војна дека НАТО нема да се прошири.

Високата претставничка на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика е во Вашингтон, но таа не се сретна со американскиот државен секретар Марко Рубио, официјално поради проблем со распоредот, а неофицијално – бидејќи трансатлантските односи се затегнати.

Американскиот претседател често се нафрла против неговите европски сојузници во НАТО, обвинувајќи ги особено дека не го носат фер својот фер дел од товарот.

Трамп, кој се очекува денеска во Вашингтон да потпише договор за украинските минерали со неговиот колега Володимир Зеленски, досега се чинеше дека не сака да понуди американски безбедносни гаранции на Киев, велејќи дека тоа им е оставено на Европејците.

Од друга страна, за Калас, „Европејците мора да учествуваат“ во преговорите и во секој договор. „Без ова, не можеме да понудиме ништо“, инсистира естонската политичарка.

Таа го критикуваше и мислењето на Трамп за идејата дека Европската унија е основана за да ги искористи Соединетите Држави, позиција што ја опиша како „неверојатна“ и спротивна на „заедничките трансатлантски вредности“.

Таа се осврна и на големите кратења на американската хуманитарна помош во странство и оцени дека Европа „нема да може да ја пополни празнината“. Но, додаде таа, светот „се свртува кон нас“ и прашува дали Европа може да направи повеќе.

„Верувам дека треба да ја зголемиме нашата геополитичка моќ“, рече Каја Калас, повикувајќи ја Европа да избере екстровертност, да се „сврти во странство“ соочени со интровертноста на САД.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот