Како функционира финансискиот фер-плеј: Други ограничуваат, за ПСЖ не постојат правила

Претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи на промоцијата со Лео Меси/Фото: EPA-EFE/CHRISTOPHE PETIT TESSON

Навивачите на ПСЖ летово се најсреќни бидејќи клубот успеа да го ангажира еден од најдобрите играчи на светот, Лионел Меси.

Но, се чини дека не сите во Франција се воодушевени што Аргентинецот дојде на „Паркот на принцовите“, и тоа не во спортска смисла, туку во чисто економска.

Фактот дека „светците“ ќе треба да трошат помеѓу 35 и 40 милиони евра годишно за плата на најдобриот фудбалер, и претходно уште со ангажирањата на Серхио Рамос, Џорџино Вајналдум, Џанлуиџи Донарума и Ашраф Хакими, го направи Жозе Фонте да се чувствува непријатно, човекот кој беше еден од најзаслужните што Лил ја освои титулата во најсилната „Лига 1“ минатата сезона, односно го симна ПСЖ од врвот.

– Би сакал да отворам друг аспект на приказната. Ме интересира како функционира финансискиот фер-плеј во Франција. Секој клуб е ограничен во однос на трошоците. Не може да купи многу, не може да си дозволи фудбалер со високи примања, а потоа се појави ПСЖ и направи да изгледа дека правилата не постојат. Одлично е што Меси пристигна во „Лига 1“, но ние треба да се справиме со поинаква гледна точка. Дали е ова навистина фер? – се запраша Фонте.

Меси: ПСЖ е амбициозен клуб, ќе играм со најдобрите на светот

На португалскиот дефанзивец не му е јасно зошто повеќето љубители на фудбалот повторно го гледаат ПСЖ на тронот. Особено што Фонте и Лил покажаа како е можно да се престигне големиот фаворит.

– Никој не може да ви гарантира дека ќе ја освоите титулата. Тие веќе сметаат на многу работи кои сè уште не се случиле. Како е можно тоа?  Во однос на конкуренцијата, јасно е дека ќе ни биде уште потешко, но со нетрпение го очекуваме предизвикот. Замислете да не примиме гол на натпреварот со ПСЖ, а за нив играат Меси, Нејмар и Мбапе. Нереално трио. Воопшто не знам дали ПСЖ планира да се брани. Во секој случај, ќе биде интересно да се види дали „Лига 1“ ќе биде неизвесна оваа сезона – вели Фонте.

Француската лига поради Меси итно смени едно правило

Можеби неизвесна, само кога другите екипи би имале шанса да се засилат како ПСЖ.

– Испраќам секој ден пораки до Кристијано Роналдо да дојде во Лил, но тој само ќе се насмее, со одговор „ха-ха-ха“ – истакна Фонте на кој му е јасно дека нема шанси неговиот колега од португалската репрезентација да го напушти Јувентус за да потпише за Лил.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот