„Кафе де Анатолија“ со својот прв дводневен фестивал во Виница на 10 и 11 јули
По настапи на некои од најпознатите светски локации како Дубаи, Санторини, Истанбул, Малта и Букурешт, како и по целосно распродадениот шоу настап во Скопје, „Кафе де Анатолија“ го најавува својот прв дводневен фестивал во Македонија, кој ќе се одржи во Александар парк, Виница.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Фестивалот претставува спој на современа електронска музика и културно-уметничко доживување, со фокус на афро хаус и органик хаус звукот, надополнет со визуелни уметности, гастрономија и винска култура.
Настанот ќе се одвива во две ноќи, петок и сабота од 20:00 до 03:00 часот, со интернационални диџеи, сценски перформанси, танчари и пантомимичари. Саботниот ден дополнително носи дневна програма од 15:00 до 20:00 часот со бесплатна дегустација на вина од повеќе од пет локални винарии, уметнички изложби, храна и фестивалски пазар.
Основан од семејството Илиеви – Зоран Илиев (Billy Esteban), Моника Илиевa (Monika Ilieva) и Никола Илиев (Rialians On Earth/Nickarth)– брендот бележи континуиран раст и признанија, па така, номиниран е од Битпорт, рамо до рамо со светски имиња како Хугел, за „Label of the Year 2025“ и „Artist of the Year 2025“.
Со воспоставувањето соработки со глобални гиганти како Џорџо Армани, „Четири годишни времиња“ и „Радисон блу“, тие поставуваат нови стандарди на пресекот меѓу музиката, културата и лајфстајл индустријата, докажувајќи дека Кафе де Анатолија со сигурност е највлијателниот лејбл во својот жанр. Oвој македонски бренд направи историја во Источна Европа со потпишувањето на административен договор со „Сони мјузик паблишинг“ (Sony Music Publishing), како и со тоа што беше првиот домашен бренд промовиран на Тајмс Сквер во Њујорк. Со овој историски чекор, Кафе де Анатолија дополнително ја зацврсти својата позиција како еден од највлијателните независни музички лејбли во Македонија и регионот, соработувајќи со над 5.000 артисти и поседувајќи го најголемиот музички каталог со над 10.000 траки во жанрот органик хаус.
Како бренд со глобално препознавање и соработки „Кафе де Анатолија“ продолжува да ја носи својата препознатлива светска естетика и звук на нови сцени. Денес, „Кафе де Анатолија“ брои повеќе од 30 милиони следбеници и повеќе од 2 милијарди прегледи на глобално ниво.


