„Реновирана“ автобуска постојка во Припор / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

ЈСП кубури со постојки во Припор и во Пинтија, автобус се чека на тротоар и среде улица

Во Припор, единствени постојки што „личат“ на градска автобуска постојка се само неколку, и тоа една кај основното училиште „Круме Кепески“ во правец кон Центар, последната постојка на автобусот број 24 кој оди до Припор, каде што има ширинка што им отвора простор на возачите да го завртат автобусот за да се спуштат кон градот.

Дел од жителите на општина Кисела Вода што секојдневно низ градот се движат со помош на автобусите на ЈСП, во изминативе години се соочуваат со сериозни проблеми, земајќи предвид дека автобуските станици во Припор и Пинтија каде што денес има физичка постојка и информативна табла што треба да покажува кога ќе пристигне автобусот, може да се набројат „на прсти“.

Автобуска постојка во Припор / Фото: „Слооден печат“ – Драган Митрески

За жал, денес во овие две населби поголемиот број постојки се неозначени, без физичка конструкција и урбана опрема како клупа за луѓето што го чекаат својот автобус или пак натстрешница, односно граѓаните го чекаат автобусот на отворено, без опција да се „скријат“ од дождот.

Во Припор, „главата“ на проблемот е сместена уште на почетокот на населбата, поточно кај кружниот тек изграден на местото познато како „последна 24-ка“. Тој беше изграден пред неколку години и оттогаш служи како почетна и последна постојка на неколку автобуски линии, а токму поради фактот дека во него се сместени не една, туку две автобуски постојки, локацијата е постојано подложна на сообраќаен хаос и метеж во текот на работните часови.

Автобуска постојка на кружен тек во Кисела Вода / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Од двете постојки со кои располага, автобуската постојка што е лоцирана на страната што води кон улицата „Христо Татарчев“, а воедно е и почетна постојка на автобусот број 24, е налик на сите други во градот, има конструкција, клупа и корпа за отпадоци.

ФОТО+ВИДЕО | Кружен тек со две автобуски постојки – сообраќајно чудо во Кисела Вода

Втората постојка, пак, поставена во насока кон населбата Припор, е тотално импровизирана, без никаква ознака или конструкција, а кога „Слободен печат“ пред речиси една година пишуваше на оваа тема и беше на терен, затекна ученици како седејќи на бетонска плоча и на шахта го чекаа својот автобус.

Фото: „Слободен печат“ / Методи Здравев

Оттука, како што продолжува улицата „Христо Татарчев“, сè до линијата која ги дели Општина Кисела Вода и Сопиште, сите автобуски постојки се импровизирани, сместени на распаднати тротоари и без никаков покрив над глава.

Локациите на постојките во поголем дел ги знаат само локалците, тие немаат метална конструкција, ниту информативни табли кои би им служеле граѓаните и би им дале до знаење кога ќе дојде автобусот што го чекаат, а не мора ни да се спомене дека на сите постојки осветлувањето е минимално, потпомогнато од светлото кое доаѓа од уличните бандери.

Автобуска постојка во Припор / Фото: „Слооден печат“ – Драган Митрески

Единствени постојки што личат на градска автобуска станица се само неколку и тоа една кај основното училиште „Круме Кепески“ во правец од Припор кон Центар, последната постојка на автобусот број 24 кој оди до Припор, каде има ширинка што им отвора простор на возачите да го завртат автобусот за да се спуштат кон градот.

Последна потсредена, но сепак нерегуларна постојка е онаа во кружниот тек, која води кон Центар, каде што за возачот на автобусот да застане и да се направи размена на патници што влегуваат и излегуваат, треба да ја блокира целата десна лента од кружниот тек.

Автобуска постојка во Пинтија / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Слична е и ситуацијата на булеварот „Борис Трајковски“, каде што автобуските постојки се исто така од „отворен тип“, неозначени, незаштитени од дожд и снег, без информативни табли дека воопшто се работи за автобуска постојка на ЈСП, а постојките што се изградени и означени, ретко се чистат.

Ова го изјави за нас жена од Аеродром, која ја посетила населбата Пинтија барајќи мебел, но на крајот од ова „патување“, таа и нејзиното семејство се „изгубиле“ и не знаеле каде треба да застанат за да го почекаат автобусот што треба да ги однесе дома.

– Ни беше потребен нов мебел во домот и затоа се упативме во Пинтија, каде што има голем број  салони за мебел, но кога завршивме со обврските, не знаевме каде да застанеме за да го чекаме автобусот, ниту една постојка не беше означена, односно воопшто немаше постојка, туку автобус се чекаше на тротоар покрај булеварот – вели таа за „Слободен печат“.

Од неодамна, единствен знак дека на десетиците локации во Припор и во Пинтија има постојка се исцртаните жолти ознаки на коловозите „Христо Татарчев“ и „Борис Трајковски“, кои можат да се забележат на местата што служат како автобуски постојки.

„Слободен печат“ прати прашања до ЈСП Скопје за овој сериозен и долгогодишен проблем со кој се соочуваат жителите на двете скопски населби, кои автобусот го чекаат среде улица или седејќи на некој бетонски столб, а оттаму ни одговорија дека се запознаени со овој проблем и најавија дека постои „динамичен план“ за да се уредат и да се доопремат постојките низ Скопје, а во овој план спаѓаат и гореспоменатите локации.

– Во однос на состојбата со автобуските постојки во населбите Припор и Пинтија, локации во должина на булеварите „Христо Татарчев“ и „Борис Трајковски“, информираме дека Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП Скопје има изготвен динамички план за уредување и доопремување на автобуските постојки на повеќе локации во градот.

Како што соопштија од претпријатието, овој динамичен, но сепак многу задоцнет план ќе опфати етапно поставување на соодветна урбана опрема како клупи и натстрешници, како и поставување сообраќајни знаци и информативни табли така што конечно жителите, но и граѓаните од другите општини ќе можат да се ориентираат преку јавните ознаки дека станува збор за постојки на ЈСП Скопје.

Автобуска постојка во Припор / Фото: „Слооден печат“ – Драган Митрески

Од претпријатието информираат дека во моментов се врши мапирање на постојките кои воопшто не се обележани и на половично обележаните места за чекање автобус.

– Во рамките на тековните активности, во соработка со општината, се врши мапирање на постојните и недоволно обележани постојки, по што ќе следува нивно стандардизирано уредување, согласно утврдените технички и безбедносни услови. Приоритет ќе имаат токму делниците каде што во моментов нема соодветна ознака и урбана опрема, меѓу кои се и делови од Припор и Пинтија. Реализацијата ќе се одвива фазно, согласно предвидената динамика и обезбедените средства – брифираат од ЈСП за „Слободен печат“.

Од претпријатието потенцираа дека автобуската постојка спроти месната заедница во Припор, за која исто така пред неколку месеци пишуваше „Слободен печат“ бидејќи беше каллива, ископана и без никакви ознаки, ниту пак конструкција, веќе е обновена.

– Пред извесно време веќе е обновена постојката спроти месната заедница во Припор на релација кон Центар – велат од ЈСП Скопје.

„Реновирана“ автобуска постојка кај месна заедна Припор / Фото: „Слободен печат“

По овие тврдења, отидовме на терен и видовме дека единственото подновување на оваа автобуска е поставување два дотраени зелени чадори, земјиштето е се уште ископано и на местото нема клупа или информативна табла, но бидејќи од претпријатието информираа дека реновирањето на постојките ќе оди етапно согласно буџетот и предвидената брзина, се очекува жителите на Припор и Пинтија својот автобус да го чекаат на реновирани и означени автобуски постојки, опремени со сета потребна урбана опрема, а не на улица, во каллива земја и на неозначени локации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот