Јане Ченто - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Јане Ченто - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Јане Ченто ги отвори вратите и на Обвинителството

Поранешната обвинителка доби пријава од еден од обвинетите во „27 април“ за наводно попречување на правдата и за злоупотреба на службената положба, и покрај тоа што и Кривичниот и Апелацискиот суд претходно ги одбија жалбите на осудените во овој предмет и одлучија дека нема да има повторено судење

На деветгодишнината од крвавиот упад во Собранието, кога разгневена толпа влезе и тепаше пратеници и новинари, никој од осудените не е веќе во затвор, односно сите добиле условен отпуст, иако беа осудени на долгогодишни затворски казни. Но, откако и Кривичниот и Апелацискиот суд ги одбија жалбите и одлучија дека нема да има повторено судење за осудените, сепак тие не се откажуваат, па дел од нив отидоа пред Јавното обвинителство и поднесоа кривична пријава против обвинителката Вилма Русковска за попречување на правдата и за злоупотреба на службената положба.

– Доказите укажуваат на комуникација меѓу висок функционер и еден од клучните сведоци во оваа постапка, меѓу брат на еден висок функционер и сведок, на можни договори со обвинителот, како и насочување на сведочењето што го даде сведокот во таа постапка. Сведокот со изјава заверена на нотар изјавува дека неговиот претходен исказ даден во постапката бил невистинит и дека нему му било ветено дека ќе му се помогне во други кривични постапки доколку даде таков исказ. Дополнително, постои вештачење од овластен судски вештак од телефони што ја поткрепуваат изјавата од сведокот заверена на нотар. Го повикувам Јавното обвинителство да ја разгледа пријавата и доказите темелно. Јавноста има право да знае, а институциите имаат обврска да постапат. Кога имате заверени искази на нотар, кога се признава дека лажно се сведочело и кога имате јавно признание за притисок врз судија-поротник, тогаш ова не е веќе политичка тема. Ова не е обичен случај, ова е случај во кој имаме основано сомнение дека се користеле незаконити докази, дека се вршело притисок врз сведоци и дела се донела пресуда врз основа на монтирана постапка – рече Јане Ченто, еден од осудените во предметот „27 април“.

Според него, оваа кривична пријава е само првиот чекор, односно почеток на борбата.

– По одбивањето од Кривичниот и од Апелацискиот суд, еве сега има можност во овој контекст, со оваа кривична пријава против поранешната обвинителка, материјалните докази што беа одбиени од судот сега да мора да влезат во правна процедура.
По наше гледање работата е 100:0 – рече Богдан Илиевски, кој во постапката беше опфатен со Законот за амнестија и ослободен.

Русковска: Не може Јане Ченто да ја сака оваа држава повеќе од мене

 

За Русковска, ова е замајување на јавноста откако власта на чело со ВМРО-ДПМНЕ не им го исполни предизборното ветување на осудените дека ќе ги амнестира.

Кривичен суд ги амнестираше обвинетите во случајот „Организатори на 27 април“

– Ние обвинителите сме само странка во постапката, конечната одлука ја носи првостепениот и второстепениот суд. За разлика од Јане Ченто, јас се борам со силата на аргументите и доказите, а не со насилство. Насилството никогаш не е решение, пресудата беше потврдена од Апелацискиот суд и од Врховниот суд, така што тоа подразбира дека немало никакво незаконско постапување во која било инстанција. Ова е, според мене, замајување на јавноста, бидејќи едно од предизборните ветувања на сегашната влада беше дека ќе ги ослободат обвинетите од „27 април“. И сега се поставува прашањето – зошто кривичната пријава е само против мене, а судот ја носи пресудата. Па, кај е обвинителот или обвинителката, не знам кој постапувал пред Апелацискиот суд во второстепена постапка и судиите таму. Каде е обвинителот или обвинителката пред Врховниот суд. Ова е свртување на внимание, мислам, од она предизборното ветување на ВМРО-ДПМНЕ кое не го исполнија. Мајка ми била во бугарски затвор, татко ми ранет го закопавме со бугарски куршум, па не може Јане Ченто да ја сака оваа држава повеќе од мене. Како може да си даде за право дека тој ја сака повеќе оваа држава, моите родители крвавеле за оваа држава. Кој му дава за право дека тој ја сака оваа држава повеќе од мене – вели Русковска за „Слободен печат“.

Таа во едно од јавните гостувања тврдеше дека ниту една изјава и ниту еден сведок не сокрија и дека одбраната ги имала сите докази. Од Обвинителството само кратко велат дека пријавата ќе биде примена како и секоја друга и дека ќе се проверат наводите.

Мицкоски побара да се дознае вистината за „27 април“

 

Премиерот Христијан Мицкоски го спомена овој случај од собраниска говорница веднаш откако беше именуван новиот републички јавен обвинител Ненад Савески и беше еден од оние за кои премиерот очекува да биде преиспитани од Обвинителството. Тој повторно побара да се дознае вистината за „27 април“.

– Станува збор за политички монтиран случај од претходната влада. Според мене, таму невини луѓе беа прогласени за терористи. Невини за терористи, но сепак направија одреден престап и требаше за тој престап да одговараат. Како држава не можеме да одиме напред ако две работи не добијат јасен одговор. Првиот одговор е како Катица Јанева повторно ги задолжи обвинителите од СЈО да вршат терор врз македонските граѓани? И вториот случај е да се дознае вистината за „27 април“. Сè друго е во рамките на правосудството – рече Мицкоски.

Судот ги амнестираше организаторите и испрати порака до извршителите за „27 април“ – Побарајте милост од државата, немојте пак да бидете изманипулирани

За „крвавиот четврток“ во затвор завршија 16 лица. Највисока казна од 16 години доби Митко Чавков, поранешен директор на Бирото за јавна безбедност, кој тогаш имаше „златна команда“ за протестите пред Собранието. Дел од обвинетите во случајот добија амнестија со законот што беше донесен во Собранието кон крајот на 2018 година кога беше СДСМ на власт. Амнестијата ги опфати тогашните петтемина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски. Амнестирани беа и водачите на протестите „За заедничка Македонија“ – Борис Дамовски, Богдан Илиески – Бетмен, Владо Јовановски. Игор Дурловски, кој беше дел од оваа група, воопшто не побара амнестија, но доби ослободителна пресуда што подоцна беше потврдена и од Апелација. Со амнестијата се спасија и браќата Стефан и Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.

Токму овој Закон ги спаси и обвинетите за друг предмет – организирање на упадот – па Кривичниот суд по шест години судење по третпат одлучи да го прифати барањето за амнестија на поранешните министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ – Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, потоа на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, но и на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Владимир Атанасовски. За Атанасовски, Обвинителството достави мислење дека не треба да биде опфатен со Законот за амнестија што беше изгласан во Собранието во 2018 година и со кој беа амнестирани дел од обвинетите што упаднаа во законодавниот дом, но сепак и тој беше амнестиран.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот