Извршителите лани ќариле 3,4 милиони евра, најуспешниот според профитот е од Скопје

Поединечна добивка од само 30 евра до 130.000 евра лани пријавиле 99 извршители кои работат во земјава, објави порталот „Пари“, повикувајќи се на податоци од Комората на извршители. Канцеларијата на извршителката Катерина Кокина од Скопје лани имала најголем профит од сите 99 македонски извршители, кои заедно заработиле вкупно 3,4 милиони евра (во просек секој од нив по околу 34.000 евра).

Во текот на 2021 година тие извршиле над 63.000 присилни наплати, а вкупната сума што ја наплатиле во постапките изнесува 130 милиони евра.

На второ место по добивката, со профит од 123.000 евра, е поранешниот претседател на Комората на извршители, Гордан Станковиќ. Тој со години беше неприкосновен во однос на заработката кај извршителите – од 2012 до 2017 година имаше нето заработка од вртоглави 1,3 милиони евра – во просек по околу 260.000 евра годишно.

Меѓу десеттемина извршители кои лани оствариле најголе профит, четворица се од Скопје, двајца од Тетово, двајца се од Битола и по еден е од Куманово и од охридско-струшкиот регион.

Бројките за заработката на извршителите покажуваат дека нивните добивки се намалуваат, но и натаму се прилично високи – десеттата извршителска канцеларија според профитот во Македонија, на извршителката Славица Ацовска од Тетово, лани имала чист ќар од безмалку 80 илјади евра.

Фото: Pari.com.mk

Комората на извршители неодамна се пожали дека работата им станува неисплатлива и дека се пријавуваат сѐ помалку извршители. Од друга страна, граѓанската иницијатива „Стоп за грабежот“ побара извршувањата да бидат привремено запрени додека трае економската и енергетската криза.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот