„Стоп за грабежот” бара да се замрзнат извршувањата во периодот додека трае енергетската криза

Ана Глигорова/Фото: МИА

Да се замрзнат извршувањата во периодот додека трае енергетската криза, побара од неформалното здружение на граѓани „Стоп за грабежот” на денешната прес-конференција пред Министерството за правда.

Според Ана Глигорова од „Стоп за грабежот”, тоа е интервентно, затоа што сметките што ќе дојдат за струја сега се преголеми.

– Во контекст на енергетската криза која ни се случува во моментов и во која се засегнати стотици илјади, можеби милион граѓани, во која следува осиромашување, многу поголемо од тоа што до сега беше, луѓето не се способни, сметките кои ќе доаѓаат за вода, струја, парно и сите други комунални сметки и потреби за живот и плус да плаќаат некакви виртуелни, напумпани долгови од страна на доверители, од страна на банки, од страна на фабрики за банки или продавници за банки од таканаречени кеш кредити, луѓето не се способни да плаќаат по 100 до 200 отсто поголеми сметки од она што се должни, рече таа.

Оттаму побараа да биде разгледана иницијативата што ја имаат доставено до Министерството за правда во која се содржат сите клучни барања за вонреден и редовен надзор на извршители.

Од „Стоп за грабежот” побараа и да се детерминира застарувањето, да се одблокираат голем број трансакциски сметки, да се укинат фирмите за наплата, како и извршителите да се вратат во судската власт.

На денешната прес-конференција присуствуваа и претставници на здружението „Но пасаран”, кои побараа оставка од министерот за правда, Никола Тупанчевски, поради, според нив, несовесно и неажурно работење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот