Изметот од кучиња ги брка децата од игралиштата и од парковите

Кучиња, Фото: МИА

И покрај законската обврска и предвидените казни, сѐ уште има голем број сопственици на миленичиња кои не го собираат „ѓубрето“ што кучето го остава зад себе по зелените површини низ Скопје.

Скопјани без разлика дали ќе излезат да шетаат во некој од маалските паркови или во Градскиот парк, дали ќе го однесат своето дете да си поигра во најблиското детско игралиште или едноставно сакаат да пешачат на патеките на кејот или по тротоарите во должина на сообраќајниците низ градот, мора многу да внимаваат каде стапнуваат за да не згазнат врз кучешки измет.

Најалармантна е состојбата во зелените појаси низ Скопје, особено во парковите каде што сопствениците на кучиња најчесто ги шетаат своите миленици. При таквата прошетка, иако за среќа има многу граѓани што го собираат изметот од миленичињата, а потоа и соодветно го фрлаат, за жал, сѐ уште има голем број што го оставаат „ѓубрето“ на своите кучиња по улиците и тревите и продолжуваат со прошетката, притоа не водејќи грижа за грдата и нехигиенска слика зад себе.

Во нашиот парк пред зграда невозможно е да ги оставиш децата сами да трчаат во тревата, а уште помалку да ги оставиш да си поиграат на игралиштето каде што има песок поставен токму за таа намена, за играње. Насекаде има измет од кучињата чии несовесни сопственици ги шетаат најчесто рано наутро и низ зеленилото и на игралиштето. Мораме постојано да ги „следиме“ децата во чекор и постојано да им сугерираме да внимаваат каде газат или каде седнуваат. Ова трае со години. Надлежните мора да реагираат соодветно и еднаш засекогаш да се стави крај на ваквата неубава слика за сите нас – вели жителка на Општина Ѓорче Петров.

За жал, сликата со оставен кучешки измет на јавните површини низ градот е идентична во сите скопски општини и населби.

Градските власти велат дека се запознаени со овој проблем и токму во обид да се разбуди свеста кај дел од сопствениците на миленичиња за да го собираат изметот од животното, како што велат, постојано го зголемуваат бројот на специјализирани канти за ваков тип отпад низ Скопје.

Градот Скопје редовно поставува специјализирани канти за миленици во сите поголеми паркови, вакви канти има и во сите специјализирани паркови за миленици, а работиме на константно зголемување на нивниот број и локации – велат од Градот.

Оттаму ги потсетуваат граѓаните што чуваат кучиња дека се должни да го соберат отпадот што го прават милениците и да го фрлат во канти за кучешки измет.

Ова е казниво според Законот за јавна чистота, каде што е предвидена казна од 50 евра, а можат да го санкционираат и инспекциските служби на Град Скопје и општините. Нашите инспекциски служби и редарите редовно вршат контрола на јавните зелени површини кои се во надлежност на Градот, издаваат опомени и казни. Во моментов немаме конкретна статистика за прекршоци токму за оваа ставка издвоено од извештаите на Градскиот инспекторат – објаснуваат од Град Скопје.

Сепак, некои од сопствениците на миленици не се согласуваат со ова тврдење на градските власти и тврдат дека нема доволно канти низ градот.

Никогаш не се случило да не го соберам изметот од моето куче, иако гледам дека има и такви граѓани. Го собирам во ќесичка и го фрлам во контејнер, иако знам дека тоа е забрането. Но, каде да го фрлам. Никаде низ Карпош нема специјални канти за таа намена. Никаде! Значи Градот и општините за да казнуваат за несоодветно фрлен отпад од миленичиња, прво треба да создадат услови, односно секаде да има понекоја таква канта, а не само во Градскиот парк. А за оние што не собираат по своите кучиња, треба строги казни. Но, не сум чула некој да е казнет – вели Ема од Карпош.

Граѓаните мора да покажат поголема одговорност и грижа за животната средина. Оние што чуваат кучиња, независно од законската обврска, мора да чистат по своите миленици додека ги шетаат на јавен простор, како што се грижат за хигиената во своите домови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот