
Излезот треба да биде дискусија, а не веднаш штрајк и протест, вели министерот Андоновски
„Излезот треба да биде дискусија, а не првиот одговор на некое неразрешено барање на синдикатите да биде штрајк и протест, без да се разговара и да се пронајдат решенија“, смета министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Во вечерашната емисија „Топ тема“ на телевизијата „Телма“, Андоновски, осврнувајќи се на утрешниот предупредувачки штрајк на администрацијата, порача дека решението може да се најде само преку дискусија помеѓу сите засегнати страни, наместо парцијално, секоја институција посебно.
Препорачано
„Генералниот проблем е што дел од министерствата и дел од институциите потпишале колективни договори со поединечни закони и во изминатиот период успеале да ги подигнат платите на одредени вработени, додека администрациајта во министерствата генерално е оставена на истите плати од претходно. Оставено е сека министерство само да решава како ќе се справи, единственото министерство кое потпишало колективен договор пред изборите е Министерството за финансии. Тоа е генералниот проблем затоа што се носеле ад хок решенија“, рече Андоновски.
Според министерот, најдоброто решение е воведување на систем за плати.
„Систем за плати, тоа е одговорот. Систем за плати во којшто луѓето со исти компетенции, со иста сложеност на работното место, коишто работат на исто ниво, треба да земаат иста плата, затоа што на друг начин ние немаме како да ги мотивираме вработените. Тие секогаш ќе гледаат да заминат некаде каде што има повисоки плати. Ние се доведуваме во ситуација како раководители на институциите да работиме едни против други – кој најмногу може да избоксува за својата институција, не гледајќи дека со тоа правиме штета на институциите од кои што зависиме“, рече министерот.