НБРМ - Народна банка / Фото: "Слободен Печат" / Драган Митрески

Избраните вицегувернери Митреска и Величковски денес ќе дадат свечена изјава пред претседателот на Собранието

Вицегувернерите на Народната банка, Ана Митреска и Игор Величковски денеска ќе дадaт свечена изјава пред претседателот на Собранието, Африм Гаши. Собранието вчера ги избра Митреска и Величковски за вицегувернери со мандат од седум години, на предлог на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.

Ана Митреска е реизбрана за втор мандат на функцијата вицегувернер, откако првпат беше именувана во октомври 2018 година. Таа е магистер по монетарна економија и има повеќе од 25 години работно искуство во Народната банка. Во досегашната кариера дала значаен придонес во областа на макроекономските анализи, среднорочните проекции и истражувачката дејност, а активно учествувала и во комуникацијата со меѓународните финансиски институции и агенциите за кредитен рејтинг. Митреска е авторка на повеќе научни и стручни трудови од областа на монетарната и фискалната политика.

За вицегувернер е избран и Игор Величковски, долгогодишен истакнат професионалец во областа на платните системи и финансиските пазари. Тој е доктор по монетарна економија на Универзитетот во Стафордшир, Велика Британија, и повеќе од 30 години е дел од Народната банка. До изборот на функцијата вицегувернер, Величковски беше директор на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи, при што беше вклучен во клучни реформи на платната инфраструктура и процесите на нејзина модернизација, како и во приклучувањето на земјата кон Единствената европска област за плаќања – СЕПА во 2025 година.

Во текот на собраниската расправа, пратеничката Сања Лукаревска од СДСМ изрази критики во однос на постапката и роковите за избор на вицегувернерите. Таа нагласи дека не го оспорува професионалниот кредибилитет и биографиите на кандидатите, оценувајќи ги како „импозантни“, но посочи дека постапката за нивно предлагање и избор не била спроведена во согласност со законските рокови.

Лукаревска потсети дека мандатот на двајца вицегувернери истекол на 18 октомври 2025 година, а изборот е реализиран на 8 април 2026 година оценувајќи дека со тоа е прекршен Законот за Народната банка. Според неа, ваквото доцнење го загрозува легалното функционирање, легитимитетот и кредибилитетот на Народната банка, особено во услови на економска и финансиска чувствителност. Најави дека пратеничката група на СДСМ ќе гласа против изборот, не поради кандидатите, туку, како што рече, „како аларм за непочитување на законите и роковите“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот