Изборите и властите се менуваат, злоупотребите остануваат исти

Избори / Фото: МИА

Кампањата за локалните избори треба да почне на 17 септември, но големиот влог и речиси изедначениот рејтинг на владејачката СДСМ и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги изгони партиите на терен и тие уште од пролет се во активен лов на гласови.

Предизборната кампања според Изборниот законик трае само 20 дена пред гласањето, но во практика таа се спроведува во целата предизборна година, а партиите секогаш успешно „ги наоѓаат“ законските дупки што самите ги создале за предвреме да ловат гласови и тоа да наликува на, како што ги нарекуваат, „нормални теренски активности“.

Кампањата за локалните избори треба да почне на 17 септември, но големиот влог и речиси изедначениот рејтинг на владејачката СДСМ и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги изгони партиите на терен и тие уште од пролет се во активен лов на гласови. Ако опозицијата победи на локалните избори, тоа лесно може да ја делегитимира власта и да предизвика предвремени парламентарни избори, па министрите, премиерите, градоначалниците, дури и пратениците, се на зачестени средби со граѓаните, за, како што велат, да ги сослушаат нивните проблеми и ставови.

На терен се и багерите и во многу општини засилено се асфалтираат улици и се најавуваат или се започнуваат капитални проекти, со цел гласачите наесен да ги држи сеќавањето дека „нешто се работи“.

Покрај предвреме почнатата кампања, дискутабилна е и најавата за зголемување на 30 отсто од платата на истакнати административци, што беше донесено со владина уредба, наместо со закон во Собранието. Според Владата, ќе се зголеми платата на една третина од вкупниот број истакнати работници во здравството, пожарникарите итн., а синдикатите и експертите предупредија дека нема јасни критериуми според кои ќе се прогласуваат заслужните. Според нив, постои опасност од корупција и предизборен поткуп, односно уредбата да се користи за наградување партиски заслужни членови.

Аналитичарите сметаат дека средбите со граѓаните, што се одвиваат цело лето низ градовите, колку се за партиска промоција, толку се и за испитување на расположението и за евентуално придобивање на големиот број неопределени или разочарани гласачи.

Александар Цветкоски од прилепската организација АГТИС, која со години ја следи работата на општините, вели дека шемата е стара и никој не ја менува, затоа што на партиите им се покажува како добитна, но од друга страна партиите веќе и немаат квалитетни луѓе во своите редови што би можеле да создадат поинакво и поодговорно однесување.

– Партиите го губат човечкиот капитал сè повеќе и во нив остануваат навистина најлошите кадри, кои немаат капацитет да смислат нова понуда за граѓаните или да воведат нови политики. Знаат само она што им е испробано и штом се приближат локалните избори, тие излегуваат со багерите на улица и почнуваат да работат за да привлечат гласови. Освен гласови, партиите ги интересираат и тендерите зад овие багери, кои им овозможуваат голем коруптивен приход. Ним не им е гајле колку чини изградбата или тоа што со почнување на голема инвестиција пред изборите, тие нема да имаат време да ја завршат, туку само ќе го задолжат идниот градоначалник. Ваквото однесување не само што е мотивирано, туку е и диригирано и потпомогнато од централната власт, која е во добивка од ваквата практика. Сето ова со години се повторуваше и со претходната власт, а и со оваа – вели Цветкоски за „Слободен печат“.

Според него, проблемот, меѓу другото, е и во тоа што во Изборниот законик не е препознатливо точно што е кампања, а што не е, нема јасни одредби за препознавање и за казнување предвремена кампања, која е нефер однос кон гласачите, ако не и измама. Според Цветковски, ние и натаму сме  „заробена држава“, односно и во оние области каде што има јасни законски одредби, тие не се спроведуваат, па затоа тој не очекува дека Обвинителството ќе ги казни партиите поради предвремената промоција или ќе им докажува предизборен поткуп и други прекршувања на предизборните правила.

Според аналитичарот Иво Ранѓеловиќ, оваа појава е типична за модерниот популизам.

Тоа е манипулација што го оневозможува развојот на општеството и на институциите. Граѓаните се ставени во незавидна ситуација, во која повеќе им се исплати да му се препуштат на системот отколку да му пркосат, иако се свесни за неговата деструктивност. Ова се однесува пред сè на оние во јавната администрација. Во делот на покачувањата на платите и пензиите, најизвесно решение за оваа појава е директива од ММФ и од Светска банка со која ќе се спречат предизборни манипулации врз штета на економијата. Сепак, во делот на политичките манипулации, единствена легитимна надеж е свеста на граѓаните – вели Ранѓеловиќ за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот