Италијанската сензација Паолини може да освои два трофеи на „Ролан Гарос“
Италијанската тенисерка Јасмин Паолини е сензација на овогодинешниот „Ролан Гарос“. Покрај тоа што се пласираше во финалето во сингл, каде ќе се бори за титулата против Ига Швјонтек, таа заедно со сонародничката Сара Ерани се пласираше и во финалето во двојки!
Препорачано
Паолини и Ерани (11 носителка) во драматичен полуфинален меч во три сета (1:6, 6:4, 6:1) ги победија Марта Костјук од Украина и Елена Габриела Русе од Романија, па Паолини сонува за дури два трофеи од Париз.
Мечот започна лошо за Италијанките, кои го загубија првиот сет со 1:6 по три загубени сервиси. Се чинеше дека Украинката и Романката рутински ќе ја завршат работата. Сепак, во игра се вратија Паолини и Ерани.
Вториот сет изобилуваше со пресврти и брејкови, а еден гем донесе дури 13 израмнувања. Иако Костјук и Русе успеаја да направат брејк во тој клучен гем, Италијанките се вратија и го израмнија резултатот во сетови.
Третиот сет беше вистинска демонстрација на моќ за Паолини и Ерани, кои загубија само еден гем, завршувајќи го мечот со 6:1 и обезбедија пласман во финалето на двојки. Нивни противнички во финалето ќе бидат Долехед/Кравчик или Гоф/Сињакова.


