Фото: МИА

Исплатата на солидарниот данок да оди во две рати- Мицкоски со фер понуда до компаниите

Доколку правните лица не се согласат, ќе се изнајде друг соодветен модел на повеќе рати (до пет), со почеток од март 2026 година. Компанијата „Макстил“ ја плати највисоката сума за солидарен данок од 4,3 милиони евра, а најниската е 640 евра од мала фирма

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека врз основа на проекција што нема да ја загрози ликвидноста на Буџетот до компаниите е доставена фер понуда за начинот на враќањето на солидарниот данок што го воведе претходната влада, но Законот за оваа давачка беше поништен од Уставниот суд. До компаниите е доставен предлог исплатата на солидарниот данок да се изврши во две рати – во март 2026 и март 2027 година. Доколку правните лица не се согласат, ќе се изнајде друг соодветен модел на повеќе рати (до пет), со почеток од март 2026 година.
Според премиерот има компании што прифаќаат и поинакви услови и оти се различни впечатоците.

-Изминатиот период се преговараше и имавме состаноци со голем дел од компаниите. Мене ми е жал што ни е такво законодавството и оваа гарнитура во Судскиот совет и Обвинителството кое не повикува никого на одговорност. Тоа се сепак народни пари, ваши пари, вие ќе треба да ги враќате парите што некој ги трошел на незаконски и неуставен начин – рече Мицкоски, додавајќи дека е направена проекција за да не биде загрозена ликвиодноста на Буџетот и дека понудата е фер.

Министерството за финансии, како што објави претходно ресорната министерка Гордана Димитриеска Кочоска, постапува по задолжение на Владата за решавање на состојбата со компаниите кои уплатија средства врз основа на Законот за солидарен данок.

– До компаниите е доставен предлог исплатата да се изврши во две рати – во март 2026 и март 2027 година. Доколку правните лица не се согласат, ќе се изнајде друг соодветен модел на повеќе рати (до пет), со почеток од март 2026 година. Во моментов тече процесот на прибирање на одговори од компаниите. Министерството ќе ги разгледа и ќе ја информира Владата за постигнатите резултати, со цел започнување на постапката за враќање на средствата, напиша Димитриеска Кочоска во објава на Фејсбук.

Во 2023 година, 156 компании уплатија над 3 милијарди денари по основ на Законот за солидарен данок, а Уставниот суд на 5 февруари годинава донесе одлука да го поништи Законот за данок за солидарност. Највисоката сума беше 4,3 милиони евра на компанијата „Макстил“, а најниската е 640 евра од мала фирма.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот