Ирена Танушевска, најмладиот крводарител во Црвениот крст: Првпат дарував крв на неполни 18 години

Ирена Танушевска
Ирена Танушевска / Фото: Приватна архива

Ирена Танушевска има 19 години и е најмладиот крводарител во Црвениот крст. Мотив да започне со крводатување било спасувањето на нечиј живот, а идол e нејзиниот татко кој е долгогодишен крводарител. Почнала да дарува крв на неполни 18 години со дозвола од родителите и досега има дарувано 4 пати крв, пишува „еспресо.мк“.

– Најголема инспирација ми е мојот татко кој на свои 50 години 77 пати дарувал крв. Сакам да ја достигнам таа голема бројка, но не губам надеж бидејки знам дека и тој започнал со крводарување на свои 18 години. Исто и мојот брат веќе три години исто така дарува крв. – раскажува Ирена.

Секоја капка крв е од непроценливо значење, а Танушевска се сеќава на првиот пат кога решила да дарува крв.

– Немав уште полни 18 години и со дозвола на родителите го направив тоа. Беше во Дневниот центар за дарување крв на Црвениот крст во Домот на хуманитарните организации „Даре Џамбаз“. Требаше да се дарува крв на лице кое требаше да се оперира. Мојата крвна група е АБ позитив, а потребна беше Нулта крвна група и мојата не одговараше. Но, јас не се откажав, сепак решив да дарувам, зошто да не дарувам кога  знаев дека некому друг  ќе помогнам – вели Ирена.

Пред 3 месеци Ирена дарувала и примерок од крвна плазма.

– Да, една од акциите на Црвениот крст беше во градскиот центар каде една лабораторија земаше примероци од крвна плазма. Тогаш одлучив дека сум доволно здрава и свесна сум дека голем број на луѓе боледуваат од разни болести и потребна им е крвна плазма, затоа дадов примерок. Се надевам дека нема да има воопшто потреба од крвна плазма, но ако треба и ако ме повикаат секако ќе дарувам.

Завршила средното медицинско училиште и е член на Црвениот крст на Општинската организација Кисела Вода од 2018 година.

– Започнав со волонтирањето бидејки беше моја желба да се усовршам во областа на прва помош. Од желбата започна се. Исконтактирав со Општинската организација на Црвен Крст во Кисела Вода и станав волонтер. Јас сум веќе 4 години волонтер и имам големо пријателство со членовите но и досега имам собрано бесценето искуство.

Крводарителството ги развива особините на хуманост и солидарност кај граѓаните, а особено кај младите, придонесува за подигнување на нивото на здравствената култура и јавната свест. Од тие причини мотивирањето на населението за доброволно дарување на крв е исклучително важно за градење позитивен однос кон крводарувањето.

– Крводарувањето е благороден чин и навистина не одзема многу време, 10 до 15 минути дарување крв па нормално функционирање, а таа крв ќе спаси живот во одреден момент. – за крај вели Ирена.

Крвта како лек е сè уште незаменлива и нејзиното добивање исклучиво зависи од добрата волја на луѓето крводарители, кои доброволно, анонимно, бесплатно и солидарно даруваат крв.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот