„Ирецот“ на Скорсезе нема да се прикажува во кино (ВИДЕО)

„Ирецот“, последниот проект на Мартин Скорсезе многумина го прогласија за последниот мафијашки филм, со кој ќе се затвори една епоха.

Скорсезе по години на јалови обиди конечно успеа да пронајде пари за да ја адаптира книгата на Чарлс Бенет – „Слушам дека малтерисуваш куќи“, а му појде од рака да ги ангажира и холивудските великани Роберт Де Ниро, Ал Пачино и Џо Пеши, како и големите ѕвезди Реј Романо, Боби Канавале и Ана Пакин.

Во годините кога режисерот безуспешно трагаше по инвеститори, во очај ги нападната големите филмски студија, обвинувјќи ги дека повеќе не ги интересира уметноста, туку сите свои средства ги пренасочиле во снимање на проекти со суперхерои. Тогаш Скорсезе јавно праша и дали филмовите од франшизата „Одмаздници“ воопшто можат да се сметаат како дел од филмската уметност.

Голем број колеги на Скорсезе го поддржаа режисерот, отворајќи дебата за состојбите во филмската индустрија. Дел од гневот беше насочен и кон интернет-платформата за гледање филмови Нетфликс, како и против другите платформи кои се појавија во меѓувреме. Главниот аргумент беше дека со платформите ќе згаснат киносалите, а тоа катастрофално ќе влијае врз филмовите, кои повеќе нема да се снимаат за „големото платно“.

Но, токму луѓето од Нетфликс беа единствените заинтересирани да му понудат пари на Скорсезе за да го сними „Ирецот“. Тој ја прифати понудата, навлекувајќи го бесот на своите поранешни сојузници, кои целата кампања против блокбастерите и платформите ја започнаа токму како излив на поддршка за режисерот.

Netflix

Во моментов во фокусот е одлуката на директорите на Нетфликс, „Ирецот“ воопшто да не биде прикажан во киносалите, туку единствено да се појави на платформата. Претходно се водеа преговори со претставниците на американските кинодистрибутери, овој филм да се појави на репертоарот, а не помогнаа ниту проекциите за можна заработка од 300 милиони долари, уште во првата недела од емитувањето.

– Ние не се грижиме за парите заработени од продажбата на билетите, ние се грижиме за тоа нашите корисници да го погледат филмот во време и на начин на кој нив најмногу ќе им одговара – објавија од Нетфликс.

Од Асоцијацијата на кинодистрибутерите беа подготвени и да ги урнат сопствените стандарди, за да ги наговорат луѓето од Нетфликс да попуштат во преговорите. Вообичаено секој филм што оди во дистрибуција има забрана од 72 дена да се прикажува на телевизија, ДВД или интернет-плаформа. Нетфликс доби скратување на овој период на 60 дена, но и тоа беше премногу за водечките луѓе на платформата, кои летово едвај се согласија филмскиот хит „Рома“ само 12 дена да се прикажува во три киносали во Лос Анџелес.

На крајот сепак беше објавено дека „Ирецот“ ќе добие кинопроекција, но во неколку помали театри низ Америка, а локациите допрва ќе бидат соопштени по премиерата закажана за 27 ноември.

„Ирецот“ е приказна базирана на исповедта на Френк Ширан со прекар Ирец, кој признал дека го убил синдикалниот лидер Џими Хофа. Буџетот на филмот е 160 милиони долари и со тоа стана најскапиот проект некогаш раководен од Скорсезе, а за потребите на сценариото користена е модерна технологија за 3Д анимација, со која се подмладени лицата на Де Ниро и Ал Пачино.

„Ирецот“ се очекува да биде еден од најуспешните филмови на годината, а се претпоставува и дека ќе биде главен кандидат за голем број награди. Голем број филмски критичари веќе го прогласија како завршно дело на режисерот и дел од актерката екипа, кои својата слава во најголема мерка им ја должат на филмовите во кои е опишан животот на мафијашките организации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот