Иранската полиција ја уапси добитничката на Нобелова награда за мир, Наргес Мохамади – нејзиното здравје е загрозено
Поддржувачите на добитничката на Нобеловата награда за мир за 2023 година, Наргес Мохамади, велат дека таа претрпела повеќекратни срцеви удари во затвор пред да биде подложена на итна операција во 2022 година. Кон крајот на минатата година, нејзиниот адвокат изјави дека лекарите откриле лезија на коската за која се стравувало дека може да биде канцерозна, а која подоцна била отстранета.
Добитничката на Нобеловата награда за мир за 2023 година, Наргес Мохамади, била приведена од иранските безбедносни сили за време на комеморација за адвокат за човекови права во источниот град Машхад, објави „Гардијан“.
Препорачано
Мохамади, која во декември 2024 година доби привремено отсуство од затвор поради здравствени причини, повторно била приведена заедно со уште неколку активисти на комеморацијата за Хосро Аликорди, кој минатата недела бил пронајден мртов во својата канцеларија.
Братот на 53-годишната Мохамади, Мехди, кој присуствувал на церемонијата, го потврдил нејзиното апсење, соопшти нејзината фондација.
Во изјава за „Гардијан“, член на тимот на Мохамади, кој побарал анонимност, рече:
„Нејзиното апсење денеска директно изгледа поврзано со нејзините јавни изјави во Машхад по сомнителната смрт на Хосро Аликорди. На неговата комеморација, активисти за човекови права се собраа за да протестираат против, како што сметаат, сомнително убиство кое можеби е поврзано со државата“.
Официјални претставници во иранската провинција Разави Хорасан соопштија дека Аликорди починал од срцев удар, но засилената безбедносна репресија што се совпадна со неговата смрт отвори прашања за околностите. Повеќе од 80 адвокати потпишаа изјава со која бараат повеќе информации.
„Аликорди беше истакната фигура во заедницата на бранители на човековите права во Иран. Во последните неколку години тој беше повеќепати апсен, малтретиран и му беа упатувани закани од безбедносните и судските органи,“ соопшти во четвртокот Центарот за човекови права во Иран со седиште во Њујорк.
Членови на семејството на Мохамади изјавија дека безбедносните и полициските сили употребиле солзавец и насилство за да ги растераат луѓето собрани на комеморацијата за Аликорди. Нејзиниот сопруг, Таги Рахмани, зборувајќи од Париз за „Гардијан“, рече дека е загрижен не само за сопругата, туку и за другите активисти за човекови права кои биле уапсени во исто време.
Рахмани го опиша апсењето како дел од ескалирачка стратегија на иранските власти за задушување на несогласувањето.
„Ова е насочен напад врз демократијата и правото на слобода на изразување“, рече тој.
Децата на Мохамади, Али и Киана, исто така изразија загриженост за својата мајка и за другите активисти.
„Таа имаше операција пред само една година, а многумина од уапсените се борат со сериозни здравствени проблеми. Уапсена е пред два часа, а сè уште не знаеме каде се наоѓа мојата мајка,“ изјави Али за „Гардијан“.
„Овие луѓе не припаѓаат во затвор“
Снимки од комеморацијата покажуваат како Мохамади стои пред микрофон, им се обраќа на присутните и започнува скандирање во името на Маџидреза Рахнавард, кој беше јавно обесен од иранските власти во 2022 година.
Од Иран немаше итен коментар за приведувањето на Мохамади, а не беше јасно дали властите ќе ја вратат во затвор за да го отслужи остатокот од казната. Поддржувачите со месеци предупредуваа дека таа е изложена на ризик повторно да биде вратена зад решетки.
Гувернерот на Машхад, Хасан Хосеини, изјави дека обвинителите им наредиле на безбедносните служби привремено да приведат дел од учесниците на церемонијата поради извикување „нормативно непримерни“ слогани, јави иранската државна телевизија. Хосеини рече дека приведувањата биле превентивни, со цел да се заштитат присутните од други луѓе во толпата.
Пред нејзиното ослободување минатиот декември, Мохамади беше во затвор од ноември 2021 година поради пресуди поврзани со нејзината кампања против смртната казна и против задолжителното носење хиџаб за жените во Иран.
Мохамади претрпела повеќератни срцеви удари во затвор
Нејзините поддржувачи велат дека таа претрпела повеќекратни срцеви удари во затвор пред да биде подложена на итна операција во 2022 година. Кон крајот на минатата година, нејзиниот адвокат изјави дека лекарите откриле лезија на коската за која се стравувало дека може да биде канцерозна, а која подоцна била отстранета.
„Нејзиното здравје може многу бргу да се влоши под овие услови. Репресијата во џамијата денеска беше спроведена со екстремна бруталност. Беа истрелувани солзавци, а Наргес и другите активисти беа претепани иако имаат сериозни здравствени проблеми,“ рече Рахмани.
Казната на Мохамади требаше да биде суспендирана на три недели кога беше ослободена минатата година, но нејзиниот престој надвор од затвор се продолжи, веројатно поради притисок од активисти и западни сили. Таа остана на слобода дури и за време на 12-дневната војна меѓу Иран и Израел во јуни.
Добитничката на Нобелова награда за мир продолжи со својот активизам преку јавни протести и настапи во меѓународните медиуми, вклучително и демонстрации пред злогласниот затвор Евин во Техеран, каде што претходно беше притворена.
„Барам итно ослободување на мојата клиентка, како и на сите активисти за човекови права кои произволно беа приведени заедно со неа. Воедно повторно го истакнувам барањето на мојата клиентка да се утврдат вистината и правдата за сомнителните околности околу смртта на Аликорди, за кои имаме причина да веруваме дека државата сноси одговорност,“ изјави адвокатката на Мохамади со седиште во Париз, Чирин Ардакани.
Семејството на Мохамади соопшти дека не знае во чиј притвор се наоѓа таа, а Али додаде:
„Мајка ми може да биде во притвор на Револуционерната гарда, безбедносните служби или полицијата. Не знаеме ништо“.
Рахмани порача: „Ги повикуваме западните медиуми да продолжат да ги следат настаните во Иран и да продолжат да известуваат.“
Иранската нобеловка добива смртни закани од властите во Техеран


