Која е нобеловката Наргес Мохамади: Затворот не ја замолкна Иранката што 30 години се бори за правата на жените

Мохамади во 2005 година говори во Центарот за човекови права во Техеран - Фотографија ЕПА, Абедин Тахеркенарех

Мохамади повеќе од осум години не ги видела ќерките близначки, 16-годишните Али и Кијана, кои живеат во егзил во Франција, заедно со Таги Рахмани, нејзиниот сопруг и соборец во битката за човекови права

Наргес Мохамади во темна ќелија во озлогласениот затвор Евин во Техеран ја слушнала веста дека светот ја почитува и ја цени нејзината борба за човекови права, поради која е во немилост на иранскиот режим.

Педесет и едногодишната Мохамади вложила 30 години од својот живот во активизам и одбрана на човековите права, во залагање за темелни промени преку образование, повици на граѓанска непослушност и зајакнување на граѓанското општество. Комитетот во Осло, кој денеска ѝ ја додели Нобеловата награда за мир како врвно глобално признание, потсети дека Мохамади лично платила огромна цена за својата борба – останала без слобода, без здравје, разделена од сопругот, децата и родителите.

Иранката ја продолжува борбата дури и од темниците на Евин, критикувајќи ја иранската влада поради одбивањето да ги прошири слободите на граѓаните, особено на жените. Откако лани во септември избувна масовен бунт поради смртта на Махса Амини, 22-годишната Иранка што почина во затвор откако беше приведена од иранската „полиција за одбрана на моралните вредности“, Мохамади организираше мирни протести, а од затворот пишуваше текстови и организираше неделни „работилници“ на кои на другите затворенички им ги објаснуваше нивните права.

– Глобалната поддршка и признанието на мојата борба за човекови права ме прават уште порешителна, уште поодговорна и ме исполнуваат со страст и со надеж. Се надевам дека ова признание ќе ги направи посилни и поорганизирани протестите на Иранците. Победата е блиску – напиша Мохамади за весникот „Њујорк тајмс“ во јуни годинава.

Иранката повеќе од осум години не ги видела ќерките близначки, 16-годишните Али и Кијана, кои живеат во егзил во Франција, заедно со Таги Рахмани, нејзиниот сопруг и соборец во битката за човекови права.

Рахмани пред само неколку дена оцени дека Нобеловата награда за Мохамади би била големо признание за децениите активизам, но и нешто повеќе.

– Тоа би било награда за сите активисти за човекови права што со децении наназад се борат за промени во општество со неправедни закони. Тоа е признание за движењето „Жени, живот, слобода!“ во Иран – изјави сопругот на нобеловката.

Мохамади е пријателка, ученичка и соработничка на единствената друга иранска нобеловка – Ширин Ебади, која ја доби наградата за мир во 2003 година. Мохамади работеше во Центарот на бранители на човековите права, основан од Ебади во 2001 година, а затворен по насилен упад во просториите во 2009 година.

Наргес Мохамади потекнува од семејство од средна класа во централниот град Занџан. Била на возраст од седум години кога Исламската револуција од корен ги промени животите на сите Иранци. Активизмот го почнала како студентка по физика на Универзитетот во Ќазвин, каде што го сретнала и својот иден сопруг – новинар, активист и позната фигура во интелектуалните кругови. Брачните партнери ретко кога биле заедно, многу пати биле апсени и затворани. Откако биле благословени со близнаците син и ќерка, речиси и да не се собрале заедно како семејство. Мохамади сега отслужува десетгодишна казна затвор поради ширење пропаганда.

Мохамади (десно) и нобеловката Ширин Ебади (втора од лево) во Центарот на бранители на човекови права – Фотографија ЕПА

Првпат била уапсена во 1998 година поради критики на владата и била во затвор цела година. Во април 2010 година била изведена пред Исламскиот револуционерен суд поради членство во невладината група, при што била пуштена на слобода со кауција од 50.000 долари, но по неколку дена повторно била затворена во Евин. Во ќелија се разболела од болест слична на епилепсија, со периодично неконтролирано губење контрола врз мускулите. Предвремено била ослободена, но по само неколку месеци повторо била обвинета за „дела против националната безбедност и пропаганда против режимот“ и ѝ биле изречени 11 години затвор. По жалбата казната ѝ била намалена на 6 години, а била ослободена по само неколку месеци поради жестоките протести од британскиот Форин офис, групите Амнести интернешнел и Репортери без граници и пратеници од САД, Канада, Британија, Австралија, Италија и Литванија.

На слобода била едвај три години, пред да биде осудена на уште десет години затвор поради „основање илегална група“, „заговор против националната безбедност“ и „пропаганда против системот“. Ослободена била во октомври 2020 година, но веќе во мај 2021 била осудена на две и пол години затвор и 80 удари со камшик поради „ширење пропаганда“. Во ноември 2021 година таа била уапсена без налог и сѐ уште е во затвор. Пред крајот на минатата година, додека во Иран сѐ уште имаше масовни протести поради смртта на Махса Амини, Мохамади испрати извештај за сексуалното и физичко малтретирање на затвореничките во Евин, со имиња на 58 жени што биле измачувани и на 57 од нив што поминале во самица вкупно 8.350 дена.

Нобеловата не ѝ е и првата награда. Меѓу десетте меѓународни признанија, ја добила и наградата „Андреј Сахаров“ во 2018 година, лани беше вклучена на листата на „Сто инспиративни и влијателни жени“ на Би-би-си, а годинава ја доби и наградата „Улоф Палме“ и беше прогласена од Обединетите нации за една од тројцата лауреати за Слобода на печатот.

– Се надевам дека ќе го задржам погледот вперен кон хоризонтот и иднината, иако затворските ѕидови се високи и ми го попречуваат видикот – изјави Мохамади неодамна за магазинот „Тајмс“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот