Иран обвини шведски дипломат на ЕУ за криминал кој носи смртна казна

Јохан Флодерус / Фото EPA-EFE/AMIR ABBAS GHASEMI

Иран обвини шведски дипломат на ЕУ, кој е држен во затвор во Техеран повеќе од 600 дена, за шпионирање за Израел и „корупција на Земјата“, кривично дело што носи смртна казна.

„Јохан Флодерус е обвинет за обемни мерки против безбедноста на земјата, опсежна разузнавачка соработка со ционистичкиот режим и корупција на Земјата“, објави во неделата новинската агенција Мизан.

Флодерус (33) беше уапсен на 17 април 2022 година на аеродромот во Техеран додека се враќал во Иран од патување со пријателите, пренесува Гардијан.

Швеѓанецот, кој работи за дипломатската служба на ЕУ, се наоѓа во затворот Евин во Техеран. Неговото апсење дојде додека на иранскиот државјанин, Хамид Нури, му се судеше во Шведска за масовна егзекуција на дисиденти во Техеран во 1988 година. Тој на крајот доби доживотна казна затвор во јули 2022 година. Нури ја оспори својата казна, а шведскиот апелационен суд се очекува да ја објави својата пресуда на 19 декември.

Во едно неодамнешно интервју за Гардијан, таткото на Флодерус, Метс, рече дека семејството било загрижено додека чека да дознае за обвиненијата.

„Имаме причина да веруваме дека судењето ќе дојде наскоро, дека ќе биде во декември“, рече тој. „Тој ни рече дека не му е грижа каква ќе биде пресудата, бидејќи тоа би значело истото за што и да одлучат да го обвинат. Тоа е само театар, само измислување. Длабоко сме загрижени и го кажуваме ова одново и одново. Тој е произволно приведен. Тој не направи ништо лошо и треба да биде ослободен и да му се дозволи да ја напушти земјата“.

Мизан објави фотографии од Флодерус со лисици на рацете како се појавува пред судиите во бледо сина затворска униформа додека се читаа обвиненијата. „Корупцијата на Земјата“ е еден од најсериозните прекршоци во Иран и носи максимална смртна казна.

Обвинителството тврдеше дека Флодерус собрал информации за иранските нуклеарни програми, извршил „субверзивни проекти“ во корист на Израел и воспоставил мрежа на „агенти на шведската разузнавачка служба“. Понатаму, се тврди дека тој бил вклучен во „разузнавачка соработка и комуникација со Европската унија“ и опозициската група народни муџахедини (МЕК) во егзил, пишува Мизан.

Датумот на судењето се уште не беше познат. Шефот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, повика на негово итно ослободување, велејќи: „Нема апсолутно никаква основа Јохан Флодерус да се држи во притвор“. Шефот на шведската дипломатија, Тобијас Билстром, рече: „Нема никаква основа Јохан Флодерус да се држи во притвор, а камоли да му се суди“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот