Интервју со педијатар Елена Манолева Николовска: Зошто ковид-19 кај децата е полесен и од грип и од други респираторни болести?

Педијатар Елена Манолева Николова Фото Приватна архива Профимедиа колаж
Педијатар Елена Манолева Николова / Фото: Приватна архива / Слободен печат - Драган Митрески

Зошто ковид-19 кај децата е полесен и од грип и од други респираторни болести?

Пандемијата на ковид-19, предизвикана од коронавирусот САРС-КоВ-2 и по две години од појавувањето, ги погодува луѓето ширум светот, вклучувајќи ги бебињата, децата и адолесцентите до 18 години. Повеќето деца кои се заразени не развиваат сериозна болест како возрасните, а некои не покажуваат ниту симптоми на болеста.

Веројатноста што ја имаат децата да се заразат со САРС-КоВ-2, по контакт со позитивен е помала отколку кај возрасните. Веројатноста децата и адолесцентите да го пренесуваат САРС-КоВ-2 е иста како и кај возрасните, што е докажано и за асимптоматските и симптоматските случаи кај децата. Сепак, и покрај тоа, заклучено е дека преносот на вирусот во училиштата од позитивни и заразени деца на други деца или возрасни е поретка во однос на преносот на вирусот надвор од училиштата, вели м-р д-р Елена Манолева Николовска, специјалист педијатар.

Кои инфекции и вируси се поголема закана за децата?

– Дали навистина децата се така ретко заразени со САРС-КоВ-2 е сѐ уште тема на дискусија во научните кругови. Големите епидемиолошки студии потврдуваат дека децата сочинуваат само еден до два отсто од сите случаи на ковид-19. Се смета дека овие бројки во голема мера зависат од бројот на тестирани деца, начинот на кој се тестираат и критериумите за тестирање. Најчесто, тестирање се прави само кај деца кои развиле симптоми или кај деца кои имале потреба од хоспитализација. Голем број деца се асимптоматски и не се тестираат, а децата кои развиваат лесни симптоми, или не се тестираат, или се тестираат со брзи тестови кои може да се лажно негативни. Тоа е најчесто како последица од неправилно земен тест, лош тајминг на земање на тестот во однос на времето кога детето било изложено на ризик, како и временскиот период на инкубација и појава на првите симптоми. Сепак, неоспорен факт е дека децата поретко заболуваат од ковид-19, што е сосема спротивно во однос на инфекциите со другите респираторни вируси, чија преваленца и сериозност се повисоки пропорционално со помалата возраст кај децата. Респираторните вируси како респираторен синцицијален вирус, инфлуенца, параинфлуенца, аденовирус, како и атипичните предизвикувачи, во моментов претставуваат поголема закана за бебињата и децата да развијат тешка клиничка слика на бронхиолитис, бронхитис или пневмонија отколку новиот САРС-КоВ-2. За разлика од овие респираторни вируси, децата имаат помалку сериозни симптоми кога се заразени со САРС-КоВ-2. Ако за возрасната популација инфекцијата со САРС-КоВ-2 значи можност за појава на болест со тешка клиничка слика, за децата тоа претставува состојба која е далеку полесна од инфекциите со останатите респираторни вируси.

Кои фактори ги заштитуваат децата при зараза со ковид-19, особено кога ќе се направи паралела во однос на тежината на клиничката слика кај децата и возрасните?

– Научниците постојано се трудат да ги пронајдат најзначајните фактори кои влијаат на разликата во тежината на клиничката слика на ковид-19 кај децата и возрасните.

Еден од најзначајните фактори е нееднаквоста во градбата и физиологијата на белите дробови кај децата во однос на возрасните. Најзначајниот момент при инфекцијата со САРС-КоВ-2 вирусот е рецепторот ангиотензин-конвертирачки ензим 2, наречен AКE2 кој е рецептор домаќин за кој се врзува вирусот. Овој АКЕ2 го има во клетките на респираторниот и гастроинтестиналниот систем што предизвикува вирусот да навлезе во организмот преку овие два системи. Децата природно имаат помалку AКE2 рецептори во белите дробови од возрасните, поради што е намалена можноста за влез на вирусот во организмот. Бројот на овие АКЕ2 рецептори се зголемува пропорционално со возраста.

Особено значаен фактор е разликата помеѓу вродениот и стекнат имунитет кај децата. Децата имаат посилен вроден имунитет, што е одбрана од прва линија против САРС-КоВ-2, со поголем број одредени имунолошки клетки. Кај децата постои и „трениран имунитет“, кој го стекнуваат по изложување на инфекции и примени вакцини, што доведува до одреден вид „меморија“. Се смета дека вака создадените клетки од имунолошкиот систем, реагираат побрзо и посилно при следен контакт со патогени микроорганизми, со што се обезбедува засилена заштита. Децата инфицирани со САРС-КоВ-2 често имаат истовремено инфекциии со други вируси што предизвикува засилено активирање на вродениот имунитет и на „тренираниот имунитет“, што го олеснува отстранувањето на САРС-КоВ-2.

Кај бебињата под една година има поголем ризик од појава на тешка болест со ковид-19 што најверојатно се должи на нивниот незрел имунолошки систем и на потесните и пократки дишни патишта. Овие два фактори овозможуваат кај бебињата да се развијат проблеми со дишењето при инфекција со респираторни вируси, вклучувајќи го и САРС-КоВ-2.

Како реагира имунолошкиот систем кај децата, а како кај возрасните во случај на зараза со ковид-19? Во што се состои разликата?

– Имунолошкиот систем на децата реагира различно на вирусот отколку имунолошкиот систем на возрасните. Кај некои возрасни, имунолошкиот систем реагира бурно на вирусот (создавајќи т.н. цитокинска бура), со што настанува оштетување на одредени органи во организмот. Се смета дека кај децата е многу помала веројатноста за ваков имунолошки одговор. Доколку кај децата дојде до појава на прекумерен имунолошки одговор, настанува мултисистемски инфламаторен синдром, кој е исклучително ретка компликација од вирусот кај децата.

Во природата постојано има присуство на вируси од семејството на коронавирус. 6-8 отсто од акутните инфекции на респираторниот тракт кај луѓето се предизвикани од коронавируси (HCoV) во природата. Повеќето од овие  инфекции е докажано дека се случуваат во текот на детството. Поради тоа се смета дека децата поради претходен контакт со други коронавируси, преку вкрстен имунитет и меморија од претходните инфекции, имаат и поголем имунитет кон САРС-КоВ-2.

Редовна вакцинација со живи вакцини како што се BCG, MRP и Polio има заштитен ефект кај децата и придонесува за разликите во тежината на клиничката слика на ковид-19 кај децата и возрасните. Сѐ уште не се комплетно познати имунолошките механизми преку кои овие вакцини го моделираат имунолошкиот одговор, но делумно е откриен начинот на кој тие влијаат и на вродениот и на стекнатиот имунитет.

Што игра улога во клиничката манифестација на ковид-19 кај децата во однос на возрасните?

– Различната микрофлора во респираторниот и дигестивниот систем кај децата и возрасните има голема улога во клиничката манифестација на ковид-19 кај децата во однос на возрасните. Микрофлората игра важна улога во регулирање на имунитетот и воспалението на слузниците и во одбраната од патогени микроорганизми. Постојат разлики во орофарингеалната, назофарингеалната, белодробната и гастроинтестинална микрофлора кај децата и возрасните. Се смета дека присуството на вируси и бактерии во назофаринксот на децата е многу поголемо од она кај возрасните, и тоа прави поголема „конкуренција“ помеѓу вирусите, што може да го ограничи влезот и растот на САРС-КоВ-2 во организмот.

Во однос на гастроинтестиналната микрофлора, децата имаат поголем број на Bifidobacterium во однос на Faecalibacterium, кој е докажан кај возрасните болни со ковид. Bifidobacterium е докажано дека е поврзан со намалена експресија на гастроинтестиналните AКE2 рецептори за кои се врзува вирусот, со што кај децата оневозможува брз и лесен влез на вирусот во организмот преку цревата. Секако, микрофлората кај децата може да биде променета под влијание на многу различни фактори како што се (зло)употреба на антибиотици, неправилен начин на исхрана, акутни и хронични воспаленија на гастроинтестиналниот тракт. Во случај на нарушена микрофлора во цревата децата може да станат поосетливи на инфекции поради брз влез на микроорганизми преку гастроинтестиналниот тракт.

Каква и колкава улога имаат витаминот Д и мелатонинот во случај на ковид и други инфекции?

– Витаминот Д има антиинфламаторни и антиоксидативни својства, а недостатокот на витамин Д е поврзан со зголемен ризик за развој на инфекции на респираторниот тракт. Во многу земји, витаминот Д се дава во профилактички дози за спречување на рахитис кај доенчиња до една година, а во некои земји и кај деца до три години. Децата кои редовно примаат профилактички дози на витамин Д3 имаат нормално ниво на овој заштитен витамин во крвта. Нивото на витамин Д е понизок кај постарите лица, поради што тие имаат висок ризик за појава на респираторни инфекции, вклучувајќи ја и инфекцијата со САРС-КоВ-2.

Мелатонин е важен хормон во нашиот организам кој има антиинфламаторни и антиоксидативни својства преку различни механизми. Кај луѓето, лачењето на мелатонин се намалува со возраста. Кај доенчињата и малите деца се создаваат високи количини на мелатонин што може да придонесува за поблаги симптоми во оваа возрасна група.

Кои се симптомите на ковид-19 кај децата?

– Повеќето деца заразени со САРС-КоВ-2 се асимптоматски или имаат благи симптоми. Можни симптоми на ковид-инфекција кај децата се некои од следниве: треска, кашлица, болка во грло и/или болка во стомак, дијареја, нагон за повраќање, промени во сетилото за мирис или вкус, болки во мускули и/или тело, замор, малаксаност, главоболка, како и промени на кожата. Најчесто закрепнуваат брзо и лесно, во рок од една до две недели.

Кај мошне мал број од децата кои прележуваат ковид, може да се појави т.н. мултисистемскиот воспалителен синдром кај децата (MIS-C). Сè уште не се познати сите причини кои доведуваат до појава на MIS-C, но се знае дека се јавува поради прекумерен имунолошки одговор по инфекција со САРС-КоВ-2 вирусот. Кај деца со симптоми на MIS-C се докажуваат антитела против вирусот, со што се потврдува дека состојбата се јавува после скора инфекција со вирусот САРС-КоВ-2. Болеста се карактеризира со симптоми кои се резултат на воспалителни промени во повеќе органи, и можат да бидат зафатени подеднакво срцето, белите дробови, крвните садови, бубрезите, дигестивниот систем, мозокот, кожата или очите. Можни знаци и симптомина MIS-C вклучуваат: треска и висока температура која трае 24 часа или подолго, повраќање, дијареја, болка во стомакот, осип на кожата, брзо чукање на срцето, забрзано дишење, црвени очи, црвенило или оток на усните и јазикот, чувство на замор, поспаност или адинамичност, црвенило или оток на рацете или нозете, главоболка, вртоглавица, зголемени лимфни јазли. Се јавува најчесто 4-6 недели по прележана болест, и најчеста преваленца има кај деца на возраст од 6-10 години, потоа кај деца на возраст од 0-5 години, па кај деца на возраст од 10-18 години. Средната возраст на појавување се деца на возраст од 8 години. За среќа, се работи за редок синдром кој во светски рамки, се јавува кај 0,1 отсто – 0,3 отсто од заболените деца. Прогнозата е добра и ретко завршува со несакан исход кој може да биде почест кај деца со веќе постоечки болести или други ризични фактори кои влијаат на здравјето.

Како децата реагираат на омикрон и што доведува до поголема хоспитализација на децата? Која е главната карактеристика на овој бран на ковид-19 со новиот сој?

– Омикрон е последната варијанта на САРС-КоВ-2 вирусот, која во моментот е доминантен сој како причина за ковид-19 во светот. Овој мутиран сој, исто како и претходните, предизвикува полесна форма на болест кај децата отколку кај возрасните.
Сепак, карактеристиките на овој бран на ковид-19 со сојот омикрон се обележани со поголема хоспитализација на деца, што се должи на рекордниот број на омикрон случаи настанати поради брзото ширење на вирусот и големиот број на заболени во мал период.

Главна карактеристика на ковид-19 предизвикан од омикрон кај децата е појава на симптоми слични на оние предизвикани од други респираторни вируси, пред сѐ, појава на круп или „кучешка“ кашлица. Се смета дека тоа се должи на фактот што омикрон, за разлика од претходните соеви кои ги напаѓаа белите дробови, има тенденција да навлегува повисоко во респираторниот тракт, наместо подлабоко во белите дробови. Дишните патишта на малите деца се тесни и постои кратко растојание помеѓу горните и долните респираторни патишта. Поради тоа, и мало воспаление може лесно да го намали луменот (проодноста) на дишните патишта што предизвикува појава на крупозна кашлица, брз пренос на инфекцијата кон долните респираторни патишта и појава на бронхиолитис кај помалите деца. Поради тоа во групата на сезонски вируси кои може да предизвикаат бронхиолитис сега се вклучува и сојот омикрон, кој е помалку сериозен од сојот делта, но може да предизвика бронхиолитис кај одредена група на деца, особено оние под две години.

Заклучок

Повеќето деца заразени со САРС-КоВ-2 имаат одличен тек на болеста не само во однос на возрасните, туку и во однос на сите останати респираторни вируси кои може да предизвикаат сериозни болести кај децата. Овој факт е изненадувачки за сите и сè уште се истражуваат причините за да се разбере начинот на кој детскиот организам останува речиси „имун“ на овој тип на коронавирус. Сепак, децата претставуваат важен фактор за ширење на болеста кај возрасните, поради што и децата како и возрасните треба да ги почитуваат основните правила за заштита од ковид-19. Пред сè, тоа би се однесувало на редовна хигиена на рацете и лицето, а кај повозрасните деца и адолесцентите одржување на соодветна дистанца и носење маски како заштита. Проучувајќи ги факторите кои придонесуваат за лесниот тек на болеста кај децата, може да се заклучи дека редовна и правилна исхрана кај бебињата и децата, редовно примање на антирахитична профилакса со витамин Д3, како и редовна вакцинација на децата по календар за вакцинација, претставуваат главни и водечки фактори кои придонесуваат за севкупно добро здравје кај децата. Доколку се почитуваат и се применуваат овие препораки кај децата, се овозможува не само заштита од ковид, туку градење на здрав и добар имунолошки систем, кој ќе успее да го заштити секое дете и од другите многу посериозни и поопасни микроорганизми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот