Интервју со Јане Николоски: Уживав на „Олд Трафорд“, со Пандев како лидер можеме до „билет“ за ЕП!

– Прво да се фокусираме на првата пречка која се вика Косово, противник за кој мислам е дури посилен од селекциите на Грузија и Белорусија – вели Николоски.

Веб порталот на „Слободен печат“ направи интервју со Јане Николоски, кој што своевремено ги бранеше боите на најдобрата македонска фудбалска репрезентација.

Како професионален фудбалер, односно голман во кариерата беше дел од Победа, Преспа, Пелистер, Аполон Каламариас (Грција), Слога Југомагнат, Славија Софија (Бугарија), Напредок, Персеполис (Иран), Славен Белупо (Хрватска), АПОЕЛ (Кипар) и Пафос (Кипар).

46-годишниот Николоски започна и тренерска кариера, ги водеше младинците на Победа, па седна на клупата на кипарскиот Арис Лимасол, се врати во нашата земја како стратег на Турново и Победа.

Прочитајте повеќе: Безбедноста на Македонија – Косово е грижа на МВР, а косовската полиција ќе внимава на гостинските навивачи

Моментно нема клуб, а евентуално доколку се укаже можност повторно да има тренерски предизвик, финансиите секогаш се битни. Секако во овој случај спонзорите се важен сегмент во секој договор, приоритет во работата на управата, за мотивација на стручниот штаб и самите играчи, со цел за подобри резултати на клубот.

За тоа колку се вложува во македонскиот фудбал, што е потребно за да се биде еден добар голман, размислувањето на Николоски во пресрет на дуелот против Косово за пласман на ЕП, прочитајте во продолжение…

Како го гледате моментно развојот на македонскиот фудбал, дали се создаваат идеални услови во нашата држава зa развивање на нови таленти?

– Прво за да имаме идеални услови, мораме да ја подобриме инфраструктурата. Пред сè  да се обезбедат основните услови, потребни за одржување на еден нормален тренинг за секој играч. Доколку тоа го немаме, ние не можеме да се надеваме во иднина на евентуално излегување на нови перспективни играчи. Гледаме дека ФК Вардар има свој тренинг камп, но мислам дека и во останатите наши градови од тој аспект треба да се покаже малку поголем интерес.

Бевте професионален голман во својата кариера, за сите оние кои што имаат намера во блиска или далечна иднина да се најдат во таква улога, што би ги советувале, колку голманската позиција е важна во текот на натпреварите?

– Таа е една позиција, сама по себе многу специфична, одговорноста е најголема. Добар голман може да биде сигурно само една стабилна, сериозна и психолошка личност. Не може да биде несериозен човек, голманот може да одбрани 10 „зицери“, да прими еден кикс гол, и никој нема да ги памети тие 10 одбрани, на сите ќе им остане во сеќавање тој примен погодок, на пример во поразот од 1:0. Значи, треба многу труд, работа, откажување од многу нешта, за да се дојде на едно професионално ниво.

Можете ли да го споделите искуството кое го имавте на „Олд Трафорд“, имавме прекрасни и значајни одбрани во ремито на македонската репрезентација (0:0) на гостувањето против селекцијата на Англија во рамките од квалификациите за учество на ЕП 2008 (после минималниот пораз на домашен терен од истиот ривал, 0:1).

Прочитајте повеќе: Влезниците за натпреварот Македонија – Косово по цена од 300 и 400 денари

– Се сеќавам пред натпреварот, од моите блиски пријатели, роднини, се поставуваше прашање, како сега на „Олд Трафорд“. Јас еден многу едноставен одговор им дадов: „Ќе уживам два и пол часа“. Значи почнувајќи од излегувањето на теренот за загревање и тие 90 минути од натпреварот. Едно вистинско уживање, пред нешто повеќе од 70.000 илјади гледачи на трибините во Манчестер, прекрасен терен, атмосфера. За наша среќа на крајот заврши со еден убав резултат за нас, впечатокот беше комплетен, не можам да го опишам уживањето, тоа треба да се доживее. Чувството кога играте против таков гигант, да останете непоразен во еден таков фудбалски храм.

фото: ФФМ

На 26 март во Скопје нашата најдобра селекција предводена од селекторот Ангеловски ќе игра против Косово во полуфиналето од УЕФА Лигата на нации, како гледате на шансите за учество на Европското првенство 2020 година?

– Сите изминати досегашни репрезентации кои што играле за Македонија, сите ние сонуваме за еден таков настап на големо натпреварување. Без разлика кои и да се пласираат сега моментно е шансата на оваа генерација. Мислам дека нема ниту малку да биде лесно, бидејќи имаме еден доста силен противник пред себе себе, репрезентацијата на Косово. Мислам дека во нашите редови владее една одлична атмосфера, Пандев е лидер во репрезентацијата како највозрасен и за мене сеуште најквалитетен играч во националниот состав. Носител на играта, а репрезентацијата не е иста кога го нема Пандев. Кога ќе се надополнат овие млади играчи, иако млади, но имаат и интернационално искуство, мислам дека ова е еден одличен спој на младост и искуство за еден одличен резултат и пласман на едно големо натпреварување.

– Во фудбалот и спортот се оди чекор по чекор. Не треба веднаш да размислуваме на Грузија или Белорусија, кога пред себе имаме прво ривал кој што им направи многу проблеми на Чесите, на Англија. Сите ние кои што сме поврзани со фудбалот, мислам дека во овој момент треба да се помогне, прво Косово биде елиминиран, а потоа да се размислува или на Грузија или на Белорусија, селекции кои што мислам дека се послаби од репрезентацијата на Косово.

Што можете да им препорачате на помладите кои планираат да се занимаваат со фудбалот, воопшто во спортот?

– Да бидат поупорни, денес што јас сега тоа го гледам кај младите генерации е дека го нема тој спортски инает во нив. Многу лесно се откажуваат, значи тренираат до своите 16-17 години и на првата пречка, или пак „кривина“, веднаш се откажуваат. Не, никогаш не се откажувајте, бидете упорни, тренирајте и успехот е неминовен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот