Јовановски пред мечот со Косово: Нашиот најголем квалитет е што имаме играчи во Италија, Шпанија..!

фото: fkrabotnicki.com

Македонија за да се пласира во финалето од УЕФА Лигата на нации ќе мора да победи против Косово на домашен терен на 26. март 2020 година на Националната арена „Тодор Проески“ – Скопје. Евентуалното финале, нашата сениорска фудбалска репрезентација ќе го одигра на 31. март 2020 година.

Избраниците на селекторот Игор Ангеловски доколку го совладаат Косово во полуфиналето од УЕФА Лигата на Нации, финалниот меч за пласман на Европското првенство 2020 година ќе го игра на гости во Грузија или Белорусија.

Своето размислување за шансите на нашите најдобри фудбалери за „Слободен печат“ го сподели поранешниот селектор Ѓоре Јовановски (63).

– Имаме една огромна шанса, ќе играме на свој терен, но од друга страна иако играме пред нашите навивачи, косовската репрезентација е многу добра. Фудбалери кои играат во европските лиги. Но, мислам дека и ние имаме квалитетна репрезентација, кадарна за да одиме во финале во тој плеј-оф од Лигата „Д“. Мораме да се фокусираме само на дуелот со Косово, да не говориме сега за понатаму, што е најлогично. Сигурен сум дека и селекторот заедно со стручниот штаб ќе се концентрираат со анализа на противникот, дека нивните играчи ќе бидат скаутирани – ни изјави Јовановски.

ffm.mk

Верува во сегашната репрезентација, а тоа го докажа низ квалификациските натпревари, во Лигата на нации. Воедно вели дека тој спој на младост и искуство може да биде добар „рецепт“ за остварување на историската цел.

– Апсолутно се согласувам дека тој спој на младост и искуство што ја краси национална селекцијата може да биде добар „рецепт“ за пласман на ЕП 2020 година. За разлика од порано кога нашите репрезентативци не беа и стандардни, не играа во своите лиги, сега од оваа репрезентација 70-80% од играчите играат во квалитетни европски првенства, во Италија, Шпанија, Англија, итн. каде што играат и стандардно. Значи многу важно е тоа што во моментов играат и натпревари и тоа е моментно нашиот најголем квалитет – додаде Јовановски.

Кога сме во Топ 5 европските лиги, во Шпанија, Енис Барди игра во Леванте, Александар Трајковски во Мајорка, во Италија Горан Пандев (Џенова), Илија Несторовски (Удинезе) и Елиф Елмас (Наполи).

фото:твитер

Во француската „Лига 1“, Влатко Стојановски е дел од Ним, Дарко Чурлинов во бундеслигашот Келн, Столе Димитриевски во Рајо Ваљекано (Шпанија, Сегунда), Езгјан Алиоски (Лидс, Чемпионшип), Стефан Ристовски (Спортинг Лисабон), Аријан Адеми (Динамо Загреб)…

На клупски план во кариерата Јовановски ги водеше Вардар, Слога Југомагнат, Самсунспор од Турција, Работнички, Милано Куманово, Металург, бугарската ЦСКА Софија, Шкендија и Брегалница Штип. Не се заборава големото реми на Македонија предводена од Јовановски на 6. јуни 2001 година на гостувањето во Бурса против Турција (3:3) во рамките од квалификациите за СП 2002.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот