Интервју со Горан Трајковски, алијас доктор Горан: Би ми било предизвик да го реформирам зарѓаниот македонски здравствен систем!

доктор горан
Доктор Горан / Фото: Приватна архива

Доктор Горан, доктор по интерна медицина, го следат речиси 50.000 следбеници на социјалните мрежи. Тој е најпознатиот инфлуенсер меѓу докторите и најпознатиот доктор меѓу инфлуенсерите. Македонец, кој сонот за подобро утре го однесе во Германија, пренесува порталот „Еспресо.мк“.

Како дојде на идеја за доктор-инфлуенсер?

– Пред речиси 3 години додека бевме со Александра во Египет на одмор, после долго време пауза од социјалните мрежи решив да отворам Инстаграм. Иако ова не го памтам, сум ѝ рекол на Александра „направив Инстаграм и сега ќе станувам инфлуенсер“. Започнав со смешки и скечови како начин за опуштање од работа и за тренирање на закржлавената креативност, но со текот на времето сакајќи или не медицината си го најде патот и на инстаграм профилот.

Колку време си во Германија?

– Шест години.

Зошто замина?

– Македонија веќе не беше плодна почва за мене во тој период кога заминав, многу фактори влијаеа за тоа, дел од нив (политичките) веќе сум ги спомнал. Но, како и во секоја интересна приказна главниот лик треба да го напушти домот и да замине на патување, авантура каде ќе се соочи со различните предизвици на светот и со своите демони, кои ако не го скршат ќе го направат посилен и поискусен човек. Така гледам и гледав на работите. Се разбира, олеснителна околност кај мене беше што Александра е Германка па ми помогна многу со административните работи околу виза и наоѓање работа.

Ти недостасува ли Македонија?

– Секогаш.

Би се вратил ли?

– Некогаш… (се смее, н.з). Сега за сега не е опција, основав фамилија овде и преземав одредена финансиска и професионална одговорност, а гледајќи ја сегашната ситуација во Македонија сметам дека Себастиан има подобри услови за неговиот психофизички развој овде.

Животот во Македонија наспроти оној во Германија, кои се позитивни а кои негативни страни?

– Откако сум во Германија немам егзистенцијални проблеми, имам доверба и можам да се потпрам на административниот и бирократски апарат, има ред и култура која ја ценам и ми годи. Едноставно Германија ми понуди добри услови за живот и формирање фамилија. Е сега, цената која ја плаќаш за тој подобар живот е работа, работа и уште работа, а малку слободно време, малку време за опуштање (abschalten) . Покрај тоа, купови пошта, писма и рокови кои треба да се запазат. Но она што најмногу ми фали и би ме натерало да се вратам е топлото македонско сонце.

Колку те промени родителството?

– Родителството е една сериозна и тешка обврска, како ниедна друга. Но и љубовта е како ниедна друга. Ти ги менува приоритетите. Мојот живот сега зависи од животот на едно мало неспретно човече. Наеднаш имам задача да оформам друг човек, друга личност, иако мојата личност е сè уште полна со маани и недостатоци. Тоа носи голема одговорност и сериозност со себе.

Сака ли и Басти да биде доктор?

– Толку многу си игра со стетоскопот што ме заплашува дека сака (се смее, н.з).

Од мал ли сакаше да бидеш доктор?

– Ќе испадне класична приказна, ама така и беше. Татко ми е лекар и јас ги листав дебелите медицински книги и разгледував сликите уште од мал. Најмногу ги гледав педијатриските случаи, генетски дефекти и се прашував која игра на природата довела до тоа. Имаше некоја мистерија која ме влечеше.

Беше ли тоа желба на твоите родители?

– Татко ми разговараше со мене пред да се запишам на медицинскиот факултет и ми ја објасни тежината и жртвата на животот како лекар. Сакаше на некој начин да ме предупреди, но не и да ме премисли, сакаше да знае дека сум спремен за тој чекор и дека сум сигурен во одлуката. Никогаш не сум осетил притисок да студирам медицина.

Неколку совети за добро здравје…

– Добра храна, добра вода, добар воздух/средина и најважно добри мисли, здравјето само ќе си дојде. Организмот секогаш тежнее кон хомеостаза и здравје, ние сме тие кои обично стојат на патот. Нема тајна состојка, таен еликсир или таен суплемент кој ќе ви го врати здравјето. Здравјето е како кокиче, се појавува кога има поволни услови. Се разбира постојат одредени генетски состојби каде можноста за хомеостаза и постигнување здравје е нарушена и отежната, но епигенетиката не учи дека ние избираме кои гени ќе дојдат до израз.

Како ја запозна Александра? Беше ли тоа љубов на прв поглед?

– Го памтам моментот кога првпат се сретнавме. Таа излегуваше од една градинка во Чаир, а јас влегував. Како студенти учествувавме на еден проект наречен Мече-болница чија цел беше меѓу другото да се намали стравот на децата од лекарите. Се разминавме на влезот, таа носеше пролетен розов мантил, ја погледнав и ми се допадна и ми остави впечаток… После неколку недели се видовме на мецицински конгрес во Охрид, но таа не беше воодушевена од мене и ме откачи неколку пати. Јас бев разочаран и прекинав да ѝ пишувам. Неколку дена откако прекинав комуникација таа ми пиша и ме покани на кафе. Типична приказна.

Се чувствуваш успешен?

– Не, ама кога ќе размислам за 32 години имам постигнато доволно.

А среќен?

– Некогаш да, некогаш не. Јас сум емотивен човек и знам да искусам емоции на двете страни на спектарот. Откако за првпат доживеав депресија се променија многу работи во мене. Го запознав страдањето на човекот. Сега знам дека животот е во фази, малку си горе, малку си долу, па ќе те снема. Целта во животот ми е да имам повеќе работи кои го прават престојот долу помалку лош и престојот горе уште подобар, а ќе им недостасуваш кога ќе те снема.

Каде за десет години?

– Некаде каде што има повеќе сончеви денови.

Ќе биде ли доктор Горан следниот министер за здравство во Македонија?

– Следниот тешко, ама во иднина зошто да не. Би ми било чест и предизвик да го реформирам тој зарѓан здравствен систем.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот